НАД 1.000 ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ ВО ШТИП ЌЕ ДОБИЈАТ СВЕТЛОСНА СИГНАЛИЗАЦИЈА СО ТРЕПКАЧИ, ПЕШАЦИТЕ НАЈМНОГУ СТРАДААТ НАВЕЧЕР

    НАД 1.000 ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ ВО ШТИП ЌЕ ДОБИЈАТ СВЕТЛОСНА СИГНАЛИЗАЦИЈА СО ТРЕПКАЧИ, ПЕШАЦИТЕ НАЈМНОГУ СТРАДААТ НАВЕЧЕРОпштина Штип најавува дека за почетокот се поставува светлосна сигнализација на пешачките премини во центарот на градот, но за еден месец ќе се постават и на пешачките премини во населбите. ( Фото: СДК.МК )

    Врз основа на одлука на Советот на Општина Штип, а во рамките на планот и програмата за работа на Јавното комунално претпријатие „ Стипион“ почна да се реализира проектот за поголема безбедност во сообраќајот, па во текот на месец август сите пешачки премини кои се обележани ќе добијат уште една превентивна светлосна сигнализација.

    „Се случуваа голем број сообраќајни незгоди кога навечер на пешачки премини да страдаат минувачи. Возачите на моторни возила сега во ноќните часови на пешачките премини иако се обележани ќе имаат уште едно предупредување и тоа светлосно“, велат од ЈП„Стипион“ .

    Штип има над 1.000 пешачки премини , а ако на една „зебра“ се постават од 10 до 20 светлосни уреди тоа значи дека на пешачките премини ќе се вградат повеќе илјади светлосни сигнализации кои со наизменичното трепкање ќе ги предупредуваат возачите, а пешаците ќе бидат со двојно зголемена безбедност. Во почетокот светлосни уреди се поставуваат на пешачките премини во центарот на градот, но планот е да се постават на сите пешачки премини во градот.

    Од локалната самоуправа не прецизираат износ колку точно ќе чини оваа пешачка сигнализација.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира