НАДМИНАТИ ПРОБЛЕМИТЕ СО ЗАМАТЕНА ВОДА, ХИДРО СИСТЕМОТ „ЗЛЕТОВИЦА“ И ФИЛТЕР СТАНИЦАТА ВО ШТИП ПОДГОТВЕНИ ЗА ЗГОЛЕМЕНА ПОТРОШУВАЧКА НА ВОДА ПОРАДИ НАЈАВЕНИТЕ ГОРЕШТИНИ

    НАДМИНАТИ ПРОБЛЕМИТЕ СО ЗАМАТЕНА ВОДА, ХИДРО СИСТЕМОТ „ЗЛЕТОВИЦА“ И ФИЛТЕР СТАНИЦАТА ВО ШТИП ПОДГОТВЕНИ ЗА ЗГОЛЕМЕНА ПОТРОШУВАЧКА НА ВОДА ПОРАДИ НАЈАВЕНИТЕ ГОРЕШТИНИФилтер станицата во Штип располага со современа опрема и со нов скада систем кој контролира и регулира каква и колкава количина на вода ќе се дистрибуира до филтер станицата и дали кај крајните потрошувачи ќе има губење или крадење на водата без да се плати. (Фото: СДК.МК)

    Проблемите со заматената вода во Хидро системот „Злетовица“ и во штипската филтер станица, настанати како последица на неодамнешните обилни врнежи, се надминати. Двата система сега работат со полн капацитет и се подготвуваат за очекуваниот бран на високи температури во наредните десетина дена, кој се очекува да ја зголеми потрошувачката на вода.

    Директорот на ХС „Злетовица“, Златко Стојановски, изјави дека стручните служби брзо реагирале и презеле заштитни мерки во сите фази на работа, со што се спречил прекин во водоснабдувањето.

    „ХС ‘Злетовица’ успешно и брзо ги надмина проблемите со заматената вода предизвикани од обилните дождови. За кратко време успеавме повторно да ги наполниме резервоарите и да испорачуваме вода до филтер станиците во регионот“, вели Стојановски.

    Тања Глигорова, раководител на филтер станицата во Штип, која е најголем корисник на водата од системот, потврди дека и кај нив проблемот бил краткотраен и дека станицата веќе работи со полна пареа.

    „Со оглед на тоа што повторно имаме горештини, ќе мораме да го зголемиме капацитетот на преработка и филтрација на водата. Очекуваме во наредните десетина дена потрошувачката во Општина Штип да се зголеми од сегашните 180-200 литри во секунда на 230-250 литри во секунда. Сепак, нашиот максимален капацитет е 300 литри во секунда, така што не би требало да има никаков проблем“, изјави Глигорова.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира