Најстарото планинарско друштво во Македонија, Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Пелистер“ формиран во 1935 како „Пелагонија“, деновиве слави 90 години. Се смета за основоположник на македонското планинарско движење.
Вчера, во рамки на манифестацијата „Со душа за Пелистер“, беше отворена изложбата „Континуитетот на ПСК Пелистер“ на фотографот и планинар Сашо Ставрев, а беа доделени плакети и благодарници на поддржувачи на клубот и планинари.

Планинарот Петар Нолев и фотографот и планинар Сашо Ставрев, автор на изложбата „Континуитетот на ПСК Пелистер“. (Фото: СДК.МК)
„Планинарењето е најубавиот спорт во кого може да се учествува, што би се рекло од пелени до последните мигови на животот. Во Битола го држиме тој континуитет, се планинари од рана возраст, а имаме и планинари кои почнинале на Пелистер. Ова е еден од најнаградуваните клубови во Македонија и е зачетник на алпинизмот. Димитар Илиевски-Мурато потекнува од овој клуб и другите членови во македонската хималајска експедиција од 1989 година“, рече Димче Попов, претседател на „Пелистер“.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, како и Денот на планината, на 14 декември во соработка со Националниот парк „Пелистер“ и Федерацијата за планинарство ќе се отвори пешачка патека од село Цапари до месноста Цапарска Пресека на Пелистер, која е исчистена, маркирана и пристапна за сите љубители на планината. Планинарската тура на 14 декември ќе мине низ оваа патека, а потоа ќе продолжи со пешачење преку веќе постоечките патеки Палиснопје – планинарскиот дом „Копанки“ – Историската патека – Инфоцентар со вкупна должина од 10 километри.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



