Наместо асфалт, паднаа тужби за улицата Климент Охридски, една од најфреквентните во центарот на Битола.
Општината го тужи изведувачот „МС Конструктор“, бидејќи не ги испочитувал роковите за асфалтирање и бара отштета, а изведувачот, пак, поднел тужба против Општината оти не му ги платиле парите за сработеното. Додека траат препирките, улицата долга околу 300 метри и по седум месеци не е асфалтирана.
„Се вози по чакалот што сами го натапкаа, дупки и нерамнини. Околните жители се удавија во прашина. Пред три години неасфалтирана преку зима остана соседната улица Питу Гули, а сега Климент Охридски“, велат жителите на улицата.
Од Општина Битола велат дека промената на водоводната и на канализационата мрежа, што била обврска на јавните претпријатија, била завршена во рекордно време. Но, потфрлил изведувачот, кој ги пробил сите рокови за асфалтирање.
„Кога надзорот во петокот го достави документот дека изведувачот доцни со термините, уште во понеделникот беше раскинат договорот. Се презедоа сите чекори за заштита на Општината, активирање на банкарската гаранција, поставување на негативна референца, а адвокат ќе отвори процес за обесштетување на Општината и на граѓаните“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Од фирмата изведувач „МС Конструктор“, пак, велат дека поднеле тужба против Општина Битола, зашто досега денар не им бил платен за сработеното.
„Има доспеани фактури кои не се платени за градежните активности на терен, како корнење асфалт, тампонирање и друго. Ќе бараме надомест за штетата. Реконструкцијата започна во септември и откако беа заменети водоводната и канализационата мрежа, веќе имаше неповолни временски услови. Не може на снег да се асфалтира улица, во тој период не работат ни асфалтните бази во Битола“, рекоа од „МС Конструктор“.
Битолчани во изминатите години беа сведоци на бројни примери кога асфалтирањето траеше со месеци, па и години.
Ж. ЗДРАВКОВСКА