НАПРАВЕН АЛТЕРНАТИВЕН ПАТ ЗА ДА СЕ ЗАОБИКОЛИ СВЛЕЧИШТЕТО ВО НОВАЦИ И ДА СЕ СТИГНУВА ДО МАРИОВСКИТЕ СЕЛА 

    НАПРАВЕН АЛТЕРНАТИВЕН ПАТ ЗА ДА СЕ ЗАОБИКОЛИ СВЛЕЧИШТЕТО ВО НОВАЦИ И ДА СЕ СТИГНУВА ДО МАРИОВСКИТЕ СЕЛА Сегашното решение е само алтернативно, за трајно ќе треба да се изработи проект за санација на свлечиштето. (Фото: СДК.МК)

    Направен е алтернативен земјен пат во должина од половина километар, за да не останат отцепени селата од битолскиот дел на Мариово и да може ѓубрето до Битола да се депонира во „Мегленци“, откако свлечиштето што се појави на регионален пат Р 1311 Новаци-Маково пред еден месец, деновиве предизвика сериозни деформации на постојниот пат. Свлечиштето e на кривината од патот кој водеше за депонијата „Мегленци“.

    „На терен направивме девијација, односно алтернативен пат и денес го зајакнуваме со тампон, сообраќајот не е во прекин, но треба да се одвива внимателно. Ќе поставиме и сигнализација за движењето да биде побезбедно“, рече градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски.

    По овој пат се стигнува со десетина села во овој дел на Општина Новаци, каде нема многу жители, но ова е единатвената асфалтнa сообраќајна врска до тие населени места.

    И од Јавното претпријатие „Комуналец“ соопштија дека непречено се врши дотур на сметот на депонијата „Мегленци“.

    „Направивме актернативен пат, два метра поназад од постојниот и транспортот и одлагањето на ѓубрето се одвива без проблем“, рече директорот на „Комуналец“ Горан Степановски.

    Во санирањето на состојбата беа вклучени екипи на РЕК „Битола“, Јавно претпријатие за државни патишта, Македонија пат, Регионален центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, „Комуналец“ Битола, ЈКП „Комунална хигиена“ од Новаци и други.

    Сѐ уште не се знае причината за свлечиштето кое за првпат било пријавено на 27 ноември годинава и редовно се следела состојбата на патот. Не е исклучена можноста да е предизвикано од врнежи и влага. Сегашното решение е само алтернативно, за трајно ќе треба да се изработи проект за санација на свлечиштето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира