НАПУШТЕНО УЧИЛИШТЕ ЌЕ СТАНЕ ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС ЗА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ДЕЦА ВО ПРЕТШКОЛСКИ УСТАНОВИ

    НАПУШТЕНО УЧИЛИШТЕ ЌЕ СТАНЕ ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС ЗА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ДЕЦА ВО ПРЕТШКОЛСКИ УСТАНОВИВо ОУ„Васил Главинов“ во Велес денес беше одбележан Светскиот ден за правата на децата - 20 ноември. (Фото: СДК.МК)

    Празната зграда на основното училиште „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ во Велес, ќе стане детска градинка. Велешкиот градоначалник Аце Коцевски, рече дека на тој начин ќе го решат проблемот со недостиг на простор за сместување на децата во предучилишни установи, по забелешката од претставникот на УНИЦЕФ во земјава Бенџамин Перкс дека Македонија мора да го зголеми опфатот на деца во градинките.

    „Научните анализи покажале дека интелектуалниот развој на децата е помал ако седат дома, а не во градинка со нивните врсници и воспитувачи. Опфатот е 40 отсто и мораме да го зголемиме. Во Велес имаме специфична ситуација, имаме простор во основните училиште, нема доволен број ученици, а имаме недостиг на простор во детските градинки за згрижување. И имам план како тоа ќе го решиме, со спојување на двете основни училишта Џинот и Благој Кирков, кои учат во една зграда и рационално користење на празната зграда на поранешното училиште Џинот“, рече Коцевски.

    Според Перкс Македонија мора да ја намали високата стапка на смртност на бебињата, и во исто време да го зголеми опфатот на децата во градинките. Тој кажа дека Македонија во регионот има најмала стапка на покриеност на деца во претшколско образование и посетувањето на основното и средното образование.

    „Сите имаме обврска за децата да го обезбедиме најдоброто, за учење, за образование, за здравство, да се развиваат и го развиваат својот потенцијал. Македонија има постигнато одреден развој во правата на децата , се вложуваат напори и има напредок. Но, мора да се обрне внимание на високите стапки на смртност кај бебињата“, рече Перкс.

    Денес во ОУ„Васил Главинов“ во Велес беше одбележан Светскиот ден на правата на децата-20 ноември. Ова училиште со околу 1.800 ученици е најголемо во Македонија. Светскиот ден за правата на децата, беше одбележан така што за кратко се врати некогашната пракса од социјализмот, ученичкото управување. Денес учениците беа и наставници имаа и свој директор.
    „Децата имаат права да осознаат како е да се биде на местото на возрасните, како е да се води училиште и да се раководи со него. Тоа е добра можност тие да се изразат, да се искажат и да кажат што мислат. Постојат добри работи во историјата, и не мора бргу да се ослободиме од тие добри нешта , може да ги продолжиме натаму“, рече Перкс.

    На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето. Од 1990 година, како Универзален ден на детето се одбележува денот кога Генералното собрание на ОН ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира