НАСЕЛБАТА ИЗВОР ВО ЧАШКА ДОБИ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА СТАРИ ЛИЦА, ТИЕ БАРААТ И ЛЕКАР

    НАСЕЛБАТА ИЗВОР ВО ЧАШКА ДОБИ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА СТАРИ ЛИЦА, ТИЕ БАРААТ И ЛЕКАРКлубот за дружење ќе го користат стотина повозрасни лица (Фото: СДК.МК)

    Од денеска почна со работа Дневен центар за стари лица во населбата Извор во Општина Чашка. Во неа, на 50 квадратни метри, можат да се дружат и да го минуваат слободното време стотина возрасни лица од оваа населба.

    „Социјалната реформа која ја спроведуваме не се однесува само на зголемување на паричните средства на граѓаните кои се во социјален ризик и сиромаштија, туку и на воспоставување системи за социјални услуги, кои треба да ги има во секое населено место. Вакви услови не се само за социјализација, туку и за унапредување на условите на животот на стари лица“, рече министерката за труд и социјала Мила Царовска.

    За изградба и опремување на центарот се потрошени околу еден милион денари. Од следната година, во овој Центар ќе се служи и храна за старите лица и за социјалните случаи од Извор и околните села. Освен во Извор, вакви дневни центри во Општина Чашка има и во Богомила и Чашка. Гостите побараа да добијат и лекар.

    „До пред 5-6 години имавме лекар во Извор, но тој си замина. Сега за обична настинка мораме до Велес и минуваме 25 километри. Ни треба амбуланта која ќе работи барам три дена неделно, потоа аптека“, кажа Славица Стојанова.

    Градоначалникот на Чашка кажа дека таков проблем има и во населбата Богомила.

    „Ова е проблем на ниво на држава. Имаме прекрасна амбуланта во центарот на населбата. Апелирам до сите лекари да се пријавуваат на огласите за овие рурални средини“, рече градоначалникот Горан Стојановски.

    Токму овој ден, во населбата имаше посета од рурален доктор, кој двапати месечно доаѓа во Извор. Денеска имале 10 прегледи, повеќето од повозрасните жители. Пациентите беа примени во зградата во која претходно биле докторите. Можеше да се забележи дека имале и стоматолог и лабораторија. Зградата сега е оставена на времето.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира