По реконструкцијата на улиците во населбата „Недопирливи“ во Битола, жителите се жалат дека месец и пол на повеќе места нема улично осветлување, а редовно плаќаат за него.
„Живееме во населбата ‘Недопирливи’, во која пред две години почна генерална реконструкција на сите улици, над 2 километри, и сега скоро се готови преку 95 проценти. Навистина убаво и функционално се направени, работени по холандски проект. Но, повеќе од месец и пол на повеќе места низ населбата нема улично осветлување, светилките се прегорени, во некои од улиците половината не светат. Пет пати пријавуваме за овие дефекти и добивавме различни одговори, те ‘веднаш ќе се поправи’, те ‘нема доволно луѓе за интервенција’, а последниот одговор беше шлаг на тортата, ни беше одговорено дека бидејќи реконструкцијата на улиците во населбата беше финансирана од Светска банка, чекаат решение од кои средства ќе се интервенира“, се пожалија жители од „Недопирливи“.
Од Општина Битола ни одговорија дека светилките во светлечките арматури во населбата сѐ уште се во гарантен рок, ќе ги замени инвеститорот, а Општината не сноси никакви финансиски трошоци за нивната промена.
„По дојавата за прегорени светилки, од страна на Општината навремено е реагирано до изведувачот ‘БВ инженеринг’. Тој достави известување дека светилките, произведени од реномиран светски производител, се повторно нарачани, а доставил и рекламација за веќе постоечките. Нарачани се соодветен број на потребни и резервни светилки за во иднина да нема застој од овој тип. По реализирањето на сите законски процедури за нивен увоз од соодветната држава, истите ќе бидат заменети“, соопштија од Општината.
Реконструкцијата на десетина улици во „Недопирливи“ приврши уште минатата година. За водоводната и канализационата мрежа беа обезбедени 37.000.000 денари (околу 600.000 евра) од општинскиот буџет, а за реконструкција на коловозот 28.725.287 денари (околу 470.000 евра) од Светска банка.
Ж. ЗДРАВКОВСКА