НАСЛЕДНИЦИТЕ НА ИМОТОТ ОБВИНУВААТ ДЕКА ВО ГРАДИШТЕ НИКНУВААТ НОВИ ГРАДБИ, ФИРМАТА КОЈА СТОПАНИСУВА СО АВТОКАМПОТ ВЕЛИ ТОА СЕ ЛАГИ И НЕВИСТИНИ

    НАСЛЕДНИЦИТЕ НА ИМОТОТ ОБВИНУВААТ ДЕКА ВО ГРАДИШТЕ НИКНУВААТ НОВИ ГРАДБИ, ФИРМАТА КОЈА СТОПАНИСУВА СО АВТОКАМПОТ ВЕЛИ ТОА СЕ ЛАГИ И НЕВИСТИНИГраѓаните со одземени имоти во Градиште 20 години чекаат да им се вратат имотите и бараат Законот за денационализација да важи за сите. (Фото: СДК.МК)

    Здружението на граѓани со одземени имоти во процесот на денационализација „Оревче“ од охридското село Пештани обвинува дека не запираат градежните активности на нивните имоти во автокампот Градиште кои сè уште не им се вратени. Велат дека градежната експанзија продолжува секојдневно, а инспекторите ги нема на терен.

    „Секојдневно се носат бетони, железо цемент. Градат приватни фирми од Елшани, од Струга и никој ништо не презема. Се гради во забранета зона на самиот брег од езерото. На нашите парцели кои и понатака се спорни и не ни се вратени се градат објекти а ние не можеме ни да влеземе внатре“, вели Ѓоре Танески, претседателот на Здружението „Оревче“.

    Граѓаните со одземени имоти во Градиште 20 години чекаат да им се вратат имотите и бараат Законот за денационализација да важи за сите. Велат дека во автокампот не се постапува ни по решенијата за рушење на веќе изградените објекти.

    Спорниот имот е национализиран во 1957 година. Сопственик на имотот е државата, а корисник е приватна фирма.

    Од фирмата закупец, МКМ Нова Трејд ДООЕЛ од Пештани велат дека во Градиште моментално нема градежни активности за изградба на објекти од цврста градба ниту пак им е забранет влез на надлежните органи за спроведување на редовни или вонредни контроли.

    „Како општествено одговорна компанија,која што води грижа за зачувување на здрава животна средина,презедовме низа активности за подигање на нивото на квалитет на услуга на нашите клиенти ,како и зафати за подобрување на енергетската ефикасност. Се изврши комплетно чистење на канализациониот систем и инсталираната пречистителна станица ,за подобрување на квалитетот на водата која што се третира а се презедоа и активности за поставување на сончеви колектори за греење на техничка вода за потребите на нашите клиенти. Тоа е наш придонес плус со преод кон користење на незагадувачки и одржлив извор на енергија“, велат од МКМ Нова Трејд.

    Јавната установа Национален парк Галичица извршила вонреден увид на самото место но и таа не установила дека таму има нови градежни активности за изградба на објекти од цврста градба.

    „Станува збор за активности за чистење на пречистителната станица и замена на дотраени цевки и материјали со нови, со што се овозможува непречено функционирање на истата. Исто така, утврдено е дека има и активности за чистење на отпад и вегетација во склоп на подготовките за претстојната туристичка сезона“, велат од Национален парк Галичица Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира