Ученици во основни и средни училишта во земјава биле злоупотребувани во предизборниот процес, обвини невладината организација „Цивил“ денеска во Битола. Според извештајот од анализите на теренот што го презентираше Џабир Дерала од „Цивил“, дел од наставниот кадар и претставници од совети на родители преку учениците се обидувале да дојдат родителите на децата и да ги притискаат да гласаат за партиите на власт. Понекогаш им се заканувале дека ако не ги послушаат ќе им го намалат успехот на нивните деца во школото.
„Учениците во основните и средните училишта се злоупотребуваат на различни начини зашто наставниот кадар и родителските совети во кои има лојални поддржувачи на партиите на власт одработуваат за партиите врз грбот на децата. Сакаат да дојдат до нивните родители и да ги принудат да гласаат за владејачките партии, со условување на успехот на децата и други притисоци. Тоа освен што е забрането со закон е и неморално“, рече Дерала.
Според него, вакви случаи имало во Скопје, но и во градовите од внатрешноста, меѓу кои и во Битола. Од „Цивил“ обвинија дека не запираат ни притисоците во јавната администрација.
„Јавната админситарција повторно се злоупотребува. Дојдовме до скенови од списоци со сигурни гласачи. Вработени пријавивале и други лица дека ќе гласаат за одредена партија. Имаме повеќе такви списоци. Тука имаме и повреда на личните податоци“, вели Дерала.
Минатата недела откриле случај на собирање лични карти во еден пензионерски дом во Македонија. „На старите лица им ги собрале личните карти, што е исто така една форма на притисок , една злоупотреба забранета со закон“, рекоа од „Цивил“.