По неколкудневни конфликти, кога малку недостасуваше да дојде и до посериозен инцидент, Националниот парк (НП) „Шар Планина“ и економските оператори кои со ратраци носат скијачи во повисоките предели на Шар Планина, склучија договор со кој се регулира нивната работа на просторот на паркот.
„Економскиот оператор по спроведен конструктивен дијалог и институционална координација, изрази целосна подготвеност за почитување на Планот за управување и Одлуката за движење на моторни возила како и сите останати одлуки и акти кои НП ги има донесено, што го потврди со потпишување на договорот со НП. Согласно планот за управување со Националниот парк ‘Шар Планина’ оваа дејност е дозволена во зоната за активно управување и зоната за одржливо користење, но исклучиво по претходно институционално уредување и под јасно дефинирани услови утврдени од страна на управата на Паркот. Примарната цел на договорите кои се склучени со двата економски оператори што ја вршат оваа туристичка дејност е воспоставување јасен режим на движење надзор и одговорност на операторите. Овој режим има за цел ограничување на влијанието на моторните возила врз чувствителните живеалишта, зачувување на биодиверзитетот и заштита на еколошката рамнотежа во Националниот парк“, вели Евзал Елмази директор на „Шар Планина“.
На Попова Шапка сега работат два економски оператора кои со ратраци, односно специјални возила за превоз на скијачи, вршат нивни транспорт до високите предели на Шар Планина. Тие имаат десетина ратраци, но со склучениот договор секој оператор дневно ќе може да користи само по три ратраци и еден во резерва. Движењето на овие возила ќе биде забрането во деловите од националниот парк кои се под строга заштита. Исто така, според склучениот договор, секое вакво возило мора да биде опремено со ГПС систем преку кој од „Шарл планина“ ќе можат да го следат нивното движење низ терените на националниот парк.
З. АНДОНОВ



