НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА ЗАБРАНИ ДА СЕ КОРИСТАТ РАТРАЦИ ВОН ПРЕДВИДЕНИТЕ ПАТЕКИ ЗАШТО ЈА УНИШТУВААТ ПРИРОДАТА

    НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА ЗАБРАНИ ДА СЕ КОРИСТАТ РАТРАЦИ ВОН ПРЕДВИДЕНИТЕ ПАТЕКИ ЗАШТО ЈА УНИШТУВААТ ПРИРОДАТАЕкспертите за зимски спортови не ја одобруваат употребата на ратраци за носење скијачи на повисоките терени (Фото: СДК.МК)

    Националниот парк Шар Планина ја забрани употребата на моторните возила ратраци со кои приватни компании превезуваа скијачи до пределите на планината каде што има повеќе снег. Употребата на ратраците во услови кога на планината има многу малку снег или воопшто го нема предизвикува големи штети на планинските пасишта и на другата вегетација, а со тоа и уништување на природата. Поради тоа, НП Шар Планина ја оцени употребата на ратраците како една од потенцијално најголемите закани за заштитеното подрачје и неопходно е да се регулира нивното движење.

    „Македонија е единствената држава во Европа во која може да се практикува скијање со ратраци во национален парк или популарно фри рајд скијање. Зборуваме за дејност која на Шар Планина нерегулирано се одвива веќе 15 години и тоа од еден-два ратраци на почетокот, сега ги има 27, од кои на дневна основа 8-10 ратраци пренесуваат туристи многу подлабоко во планината, надвор од скијачкиот центар Попова Шапка. Движењето на овие возила надвор од предвидените патеки прави трајни оштетувања на природата и живиот свет, при што се загрозува нивниот опстанок, се нагрдува пејзажот и се вознемируваат другите љубители на природата. При топењето на снегот станува сè повидливо декa на високопланинските пасишта многу површини се изорани, а по искази на овчарите, на местата каде што поминале овие машини овците веќе не пасат“, соопштуваат од Управата на Националниот парк.

    За непочитување на оваа одлука предвидени се прекршочни санкции, за правни лица од 9.000 до 140.000 евра во денарска противвредност и за одговорното лице на правното лице во износ од 500 до 7.000 евра во денарска противвредност, во зависност од големината на субјектот и прекршокот, а за физички лица се предвидени казни во висина од 300 до 450 евра, во зависност од прекршокот.

    Наспроти ова, сопствениците на ратраците кои носат скијачи на повисоките предели на планината велат дека против нив неправедно се води хајка, при што се обвинуваат дека се движат надвор од предвидените патеки.

    „Ние возиме по отворени и регуларни патишта. Ги користиме дозволените патишта за кои од Националниот парк Шар Планина ни дале мапа за движење. Но, никој не кажува дека ако се направи штета, истата ја санираме, заедно со друга фирма-оператор. Бидејќи ова се тешки возила, свесни сме дека некаде се прави штета, но веднаш по завршувањето на сезоната на тие места фрламе расад од трева, асфалтираме оштетени патишта или патеки и правиме акции за чистење отпадоци“, вели Жарко Неделковски, сопственик на фирмата „Ескимо трејд“, која со ратраци носи скијачи на повисоките предели на планината каде има повеќе снег.

    Експертите за зимски спортови не гледаат добронамерно на употребата на ратраци за носење скијачи на повисоките терени. Велат дека овие возила не треба да се користат за оваа намена бидејќи предизвикуваат големи штети на природата.

    „Добро е што преку фри рајдот се промовира Попова Шапка, но тоа не смее да се прави на сметка на уништување на природата. Националните паркови и заштитените подрачја се конституираат за да се зачуваат природните убавини. Ратраците се измислени и во сите ски-центри во светот се користат единствено за да ги подготвуваат скијачките патеки со тапкање на снегот. За транспортирање на скијачите до повисоките ски-терени служат жичниците и ски-лифтовите“, вели Жарко Трпкоски, претседател на ски-клубот „Љуботен“ од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира