Децата кои учат во Заводот за рехабилитација на оштетен слух и говор во Битола, а кој е единствената установа која пружа основно образование за овие деца во земјава, се многу среќни што актери кои слушаат сакаат да го научат нивниот јазик, велат актерите од првата професионална претстава на знаковен јазик во земјава „Три“. Премиерата е утре во 18 часот на голема сцена на Центарот за култура во Битола, а репризите се на 6 и 7 ноември во 13 часот и на 13 ноември во 12часот.
„И за нас актерите тоа е голема среќа, учењето на знаковниот јазик не беше тешко, туку беше забавно и предизвик зашто целиот проект има хуманистички карактер, рекоа на денешната прес-конференција актерите.
„Некако, на сите природно ни легна учењето на знаковен јазик. Го посетивме неколку пати и кафулето што го отвори брачен пар коЈ исто така има оштетен слух, за да се преслушаме дали сме на добар пат во учењето на знаците. Мислам дека тука нема ни да застани таа приказна, ете ние сме стигнати до премиера, а се̍ уште навечер гугламе, бараме знаци да го збогатиме речникот. Целата е и децата кои немаат проблем со слушниот апарат да можат со нас да научат некој знак, а сите деца заедно и оние со оштетен слух да наулат како да ја заштитиме животната средина“, рече актерката Маја Андоновска-Илијевски.
Ова е приватен проект на режисерот Јован Ристовски и Здужението АТО, помогнат од Министерството за култура и Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ). Во претставата играат и актерите Анастазија Христова и Сандра Грибовска, како и Никола Пројчевски, кој додаде дека е можно во иднина да изработат и Бушава азбука на знаковен јазик.
Ж. ЗДРАВКОВСКА