НЕ ФЕКАЛИИ, ТУКУ ОСТАТОЦИ ОД АЛГИ И ТРСКИ ПЛИВААТ ПО ПОВРШИНАТА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ И ТРЕБА ДА СЕ ИСЧИСТАТ, ВЕЛИ ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    НЕ ФЕКАЛИИ, ТУКУ ОСТАТОЦИ ОД АЛГИ И ТРСКИ ПЛИВААТ ПО ПОВРШИНАТА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ И ТРЕБА ДА СЕ ИСЧИСТАТ, ВЕЛИ ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕРекреативците кои доаѓат преку викенд на оваа акумулација, реагираат за состојбата и бараат материјата да се отстрани. (Фото: СДК.МК)

    Оваа пролет, како и бројни пред тоа, во водениот дел од крајбрежјето на Езерото Младост, присутна е материја која плива по површината. Рекреативците кои доаѓат преку викенд на оваа акумулација реагираат за состојбата и бараат материјата да се отстрани. Стравуваат дека тоа се фекалии и нечистотија.

    Д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) вели материјата не е опасна и штетна, освен што е грда слика и треба да се отстрани.

    „Тоа се отпадоци од алгите, од трските. Езерото Младост не е природно езеро и не се самопрочистува, тоа е акумулација. Треба човечкиот фактар да помогне, со чистење на крајбрежјето во водениот појас, така ќе се ослободи површината на езерото. Фекалии не се, тоа се органски материи остатоци од алгите, трските, нивниот цвет. Човекот треба да помогне со нивно отстранување“,  кажа примариус д-р Петрова.

    Граѓаните бараат и да се исече трската која го зафати крајбрежјето на езерото и оневозможува капење. Локалната власт на Велес во мај 2011 изведе акција на сечење на трската од езерото, но и чистење на тињата од крајбрежјето, по што реагираа стручни лица дека тоа е екохаварија.

    „Апсолутно е погрешно да се сече трската во периодот на најголемиот мрест на повеќето видови риба. Од мај до јули не смее да се сече трската, бидејќи икрата е околу стеблото, но по ова чистење таа е падната на земја и уништена. Со исчистената тиња пак е однесена храната за рибите, црвите но и другиот животински свет кој го има во езерото“, кажаа тогаш професори до Земјоделскиот факултет.

    Концесионер на водата од езеро Младост, е ЈВП „Лисиче““ кој наплатува на сопствениците на лозови плантажи од околината за користење на водата за полевање.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира