НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПЛАЌА ПАРКИНГ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ОД МРЕЖАТА НА А1, ОД КОНТАКТ ЦЕНТАРОТ НА „ПОЦ“ ВЕЛАТ КАЗНУВААТ, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ НЕ СЕ КАЗНУВА, ГРЕШКАТА Е КАЈ ОПЕРАТОРОТ

    НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПЛАЌА ПАРКИНГ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ОД МРЕЖАТА НА А1, ОД КОНТАКТ ЦЕНТАРОТ НА „ПОЦ“ ВЕЛАТ КАЗНУВААТ, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ НЕ СЕ КАЗНУВА, ГРЕШКАТА Е КАЈ ОПЕРАТОРОТПри јавување во контакт центарот на ПОЦ на корисниците им велат дека не можат да платат паркинг и дека ќе добијат казна ако го паркираат возилото. (Фото: СДК.МК)

    Трет ден корисниците на мобилниот оператор А1 не можат да платат паркинг преку смс порака од телефон на паркиралиштата на ЈП „Паркизни Општина Центар“ (ПОЦ). Откако ќе се прати пораката, наместо порака за наплата на паркинг карта се добива смс во која стои „А1 го проследи вашето барање до давателот на услуга. Во моментов поради технички проблем не може да се реализира вашето барање“.

    При јавување во контакт-центарот на ПОЦ на корисниците кои им велат дека не можат да платат паркинг, им одговараат дека ќе добијат казна ако го паркираат возилото.

    „Веќе неколку дена имаме проблем со мобилниот оператор А1 и не може да се плати паркирањето. Ако го оставите возилото на паркинг ќе заработите казна бидејќи вашата порака не е регистрирана“, ни рекоа од контакт-центарот на ПОЦ.

    На нашето прашање зошто казнуваат граѓани кога проблемот не е до нив, туку претпријатието не овозможува наплата, само ни рекоа дека таква е одлуката.

    За разлика од контакт-центарот, директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Душко Коцевски ни изјави дека не се казнува.

    „Точно е дека има проблем со операторот А1, но ние не казнуваме. Поточно, иако граѓаните не добиваат порака дека платиле паркинг карта нивното барање е регистрирано во системот и нема да се казнат. Ако некој добил казна може да дојде во нашето претпријатие да поднесе приговор“, ни изјави Коцевски.

    Од мобилниот оператор А1 до крај на работното време не добивме одговор зошто има проблем со плаќање на паркинг карта преку нивната мрежа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира