Во приградската населба Отовица во Велес, најголемиот број од објектите имаат решено прашање со водоснабдување и одвод на отпадните води, но дел од нив сè уште функционираат со несоодветни или нерегулирани решенија, покажуваат податоците на Јавното комунално пртпријатие (ЈКП) „Дервен“. Од вкупно 258 објекти во населбата, кај 183 или 71 процент е решено прибирањето на отпадните води и водоснабдувањето.
Кај преостанатите 75 објекти состојбата е различна: 21 се директно приклучени на колекторот, 13 се поврзани на старата селска канализација која е поврзана со новата мрежа, но користат индивидуални извори за вода. Дополнително, 12 објекти користат септички јами кои не се изградени по стандарди, при што отпадните води понираат без јасни податоци каде се одведуваат, додека три објекти, во кои не живее никој, се без одвод. При контролите биле затворени 26 објекти и не биле достапни сопствениците за проверка на начинот на одвод на отпадните води.
Оваа состојба е констатирана од „Дервен“ на 16 јули 2025. Отовица, која се наоѓа во близина на Езерото Младост, во јавноста често се посочува како можен извор на загадување на акумулацијата, поради нерешениот систем за канализација или директно испуштање на отпадните води во езерото. Анализите на водата во Отовичкиот Залив укажуваат на присуство на свежо фекално, но и долгогодишно загадување.
Претседателката на Комисијата за следење на состојбата на езерото, Антоанета Стојанова, на седница на Советот на Општина Велес кажа дека по извршеното пребројување на објектите, „Дервен“ продолжува со приклучување нови корисници на водоводната и канализациската мрежа што, според неа, значи намалување на бројот на потенцијални загадувачи. Во меѓувреме, колекторскиот систем што ги опфаќа населените места Кумарино, Сојаклари и Отовица, како и сателитската населба, не е во исправна состојба и како таков бил предаден на претпријатието во 2021. Вториот крак, познат како мал колектор, кој се наоѓа на левата страна од патот Велес-брана „Младост“, кај еко-кампот и хотел „Глориус“, сè уште не е предаден на одржување.
Стојанова го отвори и прашањето за чистење на дното на езерото, при што спомена потреба од „евакуација на водата“, но ниту еден советник не побара образложение што значи тоа. Таа рече дека на дното се наталожени органски наслаги кои во текот на летото биле на површината, а со намалување на температурите се спуштиле на дното. Дел од овие наслаги, според неа, треба да бидат отстранети, но процесот на евакуација на водата бара соодветни дозволи и согласност од Министерството за животна средина, особено поради влијанието врз реката Вардар. Мешањето на води со различен степен на загаденост не е дозволено.
Со зголемувањето на температурите, повторно се појавуваат органски маси на површината на езерото. Според д-р Флорентина Шурбевска-Ристовска, поранешна директорка на Центарот за јавно здравје Велес, овие појави се резултат на изумрени алги, а не на директно влијание од канализацијата. Таа предупредува дека без нивно отстранување, загадувањето на водата ќе продолжи. Од Центарот за јавно здравје континуирано препорачуваат испитување на присуството на цијанотоксини, особено во периодот кога алгите цветаат, што е единствена можност за утврдување на нивно евентуално присуство, по претходно утврдено присуство на цијанобактерии.
По чистењето на 4,5 километри од крајбрежјето, во тек е транспорт на отстранетите наслаги, составени од трска, кал и мул, до депонијата на „Дервен“, со одобрение од Министерството за животна средина. Паралелно, распишан е јавен повик за избор на компанија што ќе изврши две бушотини во долниот тек на пресушената Отовичка Река, заради обезбедување дополнителни количини вода за езерото. Хидрогеолошките испитувања покажале дека постојат подземни води кои би можеле да придонесат за негово полнење и подобрување на кислородот, неопходен за ревитализација, според стручњаците од Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Според планот за спас на Езерото Младост, изготвен по препорака на оваа институција, клучни мерки се чистење на крајбрежјето и обезбедување дотур на вода. За нивна реализација Владата обезбеди 10 милиони денари (околу 162.000 евра).
П. ПЕЧКОВ



