НЕ СМЕ ДАЛЕ СОГЛАСНОСТ ЗА ПРЕСЕЛБА НА ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА ВО НОВИ ПРОСТОРИИ, РЕАГИРААТ ВРАБОТЕНИТЕ НА ВЧЕРАШНАТА ИЗЈАВА НА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    НЕ СМЕ ДАЛЕ СОГЛАСНОСТ ЗА ПРЕСЕЛБА НА ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА ВО НОВИ ПРОСТОРИИ, РЕАГИРААТ ВРАБОТЕНИТЕ НА ВЧЕРАШНАТА ИЗЈАВА НА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАВработените во библиотеката велат дека просториите каде што треба да се преселат имаат полоши услови од сегашните и се помали (Фото: СДК.МК)

    Вработените во тетовската библиотека „Кочо Рацин“ велат дека не дале никаква согласност да бидат преместени во други простории. Тие со тоа ја демантираа вчерашната изјава на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека префрлувањето било направено со нивна согласност.

    „По изјавата на министерката за култура, НУ Библиотека ‘Кочо Рацин‘ демантира дека ние наводно сме се сложувале со преселувањето во новите простории. Уште повеќе, Министерството за култура никогаш не ни пратило писмено известување за да бара наше мислење за преселувањето. Напротив, вработените и Управниот одбор се со исто мислење дека просториите каде што треба да се преселиме имаат полоши услови од сегашните и не ги исполнуваат условите за нормално функционирање на библиотеката. Исто така, новите простории се помали од актуелните. Одлуката за напуштање на просториите во рок од 15 дена ни стигна на 7 септември, а на 12 септември испративме писмена реакција до Министерството за култура, Владата и Центарот за култура во Тетово дека условите каде што треба да се пресели библиотеката не се адекватни. Побарано е да се формира комисија и да се направи увид во просториите“, се вели во соопштението кое денеска е испратено од тетовската библиотека.

    Министерката Костадиновска-Стојчевска вчера кажа дека библиотеката ќе се премести во нов простор со иста големина.

    „Таму ќе се направат потребните реновирања за да се адаптира тој простор. Тоа ќе се направи со многу голема брзина за да не се загрози работењето на библиотеката“, децидна беше таа.

    Од библиотеката велат дека министерката најверојатно не е запозната со вистинската квадратура на просторот во кој што работат и со големината на просторот каде што треба да се преместат.

    „Министерката вели дека сегашниот простор на библиотеката изнесува 460 квадратни метри и дека новиот простор бил со иста големина. Библиотеката сега работи на простор од само 156 квадрати, а новиот простор има 148 квадрати, од кои 13 отпаѓаат на скали, а има и додатна просторија која за ништо не може да се искористи. Освен ова, од четирите простории каде што треба да се префрли библиотеката, две се со низок таван и во нив не можат да се сместат полици со книги. Во новиот простор нема ниту санитарен јазол“, велат вработените во библиотеката.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира