НЕ СМЕ РИВАЛИ, ТУКУ СМЕ СИ ИНСПИРАЦИЈА, ВЕЛАТ КЛАРИНЕТИСТИТЕ ЛУМАНОВСКИ, ТРАЈКОВСКИ, БОЈЧЕВСКИ И ЛАМЊОВ ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА ХЕРАКЛЕЈА

    НЕ СМЕ РИВАЛИ, ТУКУ СМЕ СИ ИНСПИРАЦИЈА, ВЕЛАТ КЛАРИНЕТИСТИТЕ ЛУМАНОВСКИ, ТРАЈКОВСКИ, БОЈЧЕВСКИ И ЛАМЊОВ ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА ХЕРАКЛЕЈАНа сцена ќе бидат кларинетистите, како и од 20 до 30 уметници, а ќе настапи и хорот „Коруновска арс нова“. (Фото: СДК.МК)

    Растеле заедно и како деца вежбале во визбите на Музичкото училиште во Битола, за каде се сеќаваат дека немало никакви услови, но ентузијазмот и љубовта кон музиката ги воделе напред. Тројцата светски познати кларинетисти, битолчаните Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски и Горан Бојчевски, заедно со нивниот колега, велешанецот Благој Ламњов, исто така виртуоз на кларинет, утре ќе настапат на заедничка сцена на концертот „Кларинетска одисеја“ од 21 часот на Хераклеја во Битола.

    Музичарите на денешната прес-конференција изјавија дека ова ќе биде емотивен концерт зашто во нив ги враќа спомените од детството и заедничките дружби.

    „Ова е долгоочекувана прилика. Повторно се вратив во детството со овие мои колеги, се најдовме заедно можеби по 20 години. Кога ќе ги погледнам, секој ми буди некакви спомени. Со Благојче и Исмаил растевме заедно во Битола, вежбавме во визбите на Музичкото училиште каде тогаш немаше никакви услови, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беше толку голема што ете повторно Бог нѐ здружи заедно“, рече Бојчевски.

    Тројцата битолски витуози на кларинет се излезени од класата на музичкиот педагог Панде Татарчевски, кој почина, но рекоа дека доколку беше жив сигурно би се гордеел со концертот.

    „Концертот носи многу емоции, дури и пробите поминуваат со ежење и солзи. Јас на кларинет почнав да свирам многу подоцна, на 14 години, а Исмаил и Горан почнаа многу помали. Кога отидов кај професорот Панде, кој беше упорен да ме попишмани зашто е доцна, ги искористи нив како оружје. Ги донесе Горан и Исмаил да ми отсвират нешто. Отсвирија, а тогаш беа добитници на први државни награди за нивните возрасти. Отсвирија феноменално. Професорот ми вели ‘Ти си на нула, тешка ќе биде таа борба’. А јас му велам ‘Напротив, тие ќе ми бидат инспирација“, кажа Трајковски.

    Лумановски, кој живее и работи во Њујорк, додаде дека иако сите четворица се врвни музичари, меѓу нив, нити во работата, нити во утрешниот настап нема недоразбирања и ривалство туку само инспирација. Лумановски рече дека и со велешанецот Ламњов се знаат од мали кога имале по 14-15 години и се натпреварувале на државни натпревари во Македонија, а подоцна се сретнале и во Чикаго.

    „Кога почнавме со пробите бевме колеги, денес сме пријатели, а утре браќа“, рече Ламњов.

    Концертот е по идеја на Благојче Божиновски, директор на КИЦ Офицерски дом Битола, а по концепт на Оливер Јосифовски. На сцена ќе бидат од 20 до 30 уметници, а ќе настапи и хорот „Коруновска арс нова“. Концертот е во рамки на „Битфест“.

    „Чест и гордост е да се биде градоначалник на ваков град. Ние не призведуваме компјутери, возила, но имаме нешто што го нема светот, а тоа е талентот и уметноста на овие луѓе кои низ цел свет ја шират македонската музика и култура“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира