НЕДОСТИГААТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ОТКОЛКУ ШТО ИМА СЕГА, ВЕЛАТ ОД УНИЈАТА НА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

    НЕДОСТИГААТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ОТКОЛКУ ШТО ИМА СЕГА, ВЕЛАТ ОД УНИЈАТА НА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ„Имаме конкурси на кои сме дефицит со пријавување на сестри, а и конкурси каде има медицински сестри со договори на дело, а од страна се примаат други“, рече Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на медицински сестри.. (Фото: СДК.МК)

    До 2030 се очекува недостигот на здравствени работници да достигне до 10.000. Во моментот фалат околу педесет проценти на медицински сестри, а одливот на овие кадри преку пензионирање, заминување во странство, па и откажување поради неповолните услови за работа е голем, се дел од заклучоците на панел-дискусијата што се одржа на Високата медицинска школа во Битола.

    Како еден од можните решенија за да не дојде до хроничен недостиг на медицински персонал е донесувањето на Законот за сестринска дејност кој ќе ја регулира оваа професија во однос на образованието, карерниот развој, работните задачи и одговорностите.

    „Ако зборуваме според стандардите колку медицински сестри се потребни во нашиот здравствен систем, имаме 50 проценти недостаток. Имаме неформална бројка од 7.500 до 8.000 медицински сестри во Македонија заедно со сродните струки фармацевти, рентген технолози, лаборанти можеби сме 11.500. Тој недостаток во различни институции од здравствениот систем на различни начини се проектира. Но, посебно се чувствува во секундарното и терциерното здравство, во стационарите каде се лежечките пациенти. Сестрите треба на одделенијата на постелните мрежи да бидат една на три пациенти, во интензивните неги на секој еден пациент една сестра, така недостатоците се многу големи“, рече Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на медицински сестри.

    Најболниот момент е коефициентот на сестрите со средна стручна спрема што ги доближува до минимален личен доход во државата. Друг проблем е нерегулирањето на професијата, непризнавањето на нивното високо образование во дел од здрвствените установи. Бешлиовска рече дека сестрите мора да бидат проектирани во систематизациите, колективните договори да бидат спроведени во болниците, да се знае каде започнуваат и завршуваат со работа оние со средна стручна спрема, а каде со високо образование и специјализација. Во европските земји во интензивните неги, сестра без специјализација не е квалификувана да работи, а ние во овој момент не ги препознаваме во болниците.

    „Според неформални податоци, имаме здравствени институции каде во една година по 30 до 40 медицински сестри заминаа по разноразни основи: во приватен сектор, пензија, странство, а заминаа и од професијата оти не сакаат повеќе да работат во вакви услови. Одливот е сѐ поголем. Имаме конкурси на кои сме дефицит со пријавување на сестри, а и конкурси каде има медицински сестри со договори на дело, а од страна се примаат други. Не размислуваме стратешки да ги зачуваме по многу основи. Дали е тоа договор на дело, непризнавање на образованието, политичка реторика, национално пребројување, непризнавање на вештините, тоа е комплексен проблем“, додаде Бешлиовска.

    Д-р Злате Мехмедовиќ, национален координатор за реформи во примарната здравствена заштита, е оптимист дека Законот за сестринска дејност ќе биде донесен што поскоро. Рече дека тоа ќе биде пред изборите, но не е поврзан со нив и со никаква политичка агенда, туку со професионализација на сестринската професија.

    „Ќе се донесе Национална стратегија за човечки ресурси во здравството на што активно работиме. Проблем што треба да го спречи е големиот одлив на кадри. 10.000 здравствени работници очекуваме да неодстигаат до крајот на 2030 година. Е тогаш не би сакале Македонија да биде дел од земјите засегнати со хроничен недостиг на здравствен персонал“, рече д-р Мехмедовиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира