Во месноста Карпалак, на половина пат од Скопје кон Тетово, денеска се одбележа 19-годишнината од трагичниот настан кога во конфликтот 2001 од припадниците на УЧК со ракетни фрлачи беше нападнат конвојот на АРМ, во кој се превезуваа бранителите кои се упатуваа на боиштето во Тетовско. При нападот со проектил беше погоден автобусот во кој загинаа 10 бранители, сите од Прилепско. Благодарение на присебноста и храброста возачот на автобусот Ацо Јованоски-Реган, кој запалениот автобус успеа да го извлече од местото на нападот, се спасија другите бранители кои беа во автобусот.
После некоја година од настанот, на местото каде беше извршен нападот, на банкината од автопатот беше поставена мала спомен-плоча со имињата на загинатите бранители. Оваа плоча во изминативе години повеќе пати беше кршена и оштетувана.
„19 години сме на ова исто место со една иста изјава – да се направи достоинствено обележје на ова место каде што погинаа овие бранители. Мислам дека тие тоа го заслужуваат. И денеска цвеќето кое го положуваме во нивна чест го положивме на банкината од патот, што не може да биде понедостоинствено. Тие го положија животот на браникот на Република Македонија, за идеалите да опстои оваа земја и се надеваме дека ќе опстои. Правата на бранителите многу малку се остваруваат. Од Здружението ‘Карпалак’, од 118 лица 10 загинаа, а од тие 108 што останаа ниту за половината нема работни места, нивната здравствена состојба е тешка, многумина завршија како алкохоличари, многумнина имаат психолошки проблеми. Дражавата многу малку направи за нив, додека за припадниците на УЧК направи многу, 3.000 лица се вработени но немаат работни места, а земаат плата“, рече Ацо Јовановски-Реган, возачот на автобусот со кој се транспортираа бранителите.
Од односот на државата кон бранителите незадоволни се и од Здруженијата на бранителите.
„Од година во година, евидентно е дека сè помал е бројот на лицата кои доаѓаат на чествување на овој настан. Не ги знаеме причините, но сигурно е дека некој работи овој настан полека но сигурно да почне да се заборава. Како и досега, така и овој пат никој од овие што беа присутни не кажа ниту збор зошто сме дојдени овде и што обележуваме. Мислам дека Министерството за одбрана ќе смогне сили овој настан подостоинствено да го обележи, а на бранителите да им го даде местото кое го заслужуваат“, изјави Марин Најдов од Одборот на бранителите.
Пред спомен-плочата на Карпалак се одржа панихида за помен на загинатите. Со положување цвеќе и венци почит на загинатите им одадоа делегации од Министерството за одбрана предводена од началникот на Генерлаштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, од Владата, од кабинетот на Претседателот, Собранието, Општина Прилеп, семејствата на загинатите и претставници на политички партии и Здруженија.
З. АНДОНОВ