Општата болница во Куманово во моментов нема ниту еден вработен специјалист по анестезиологија, откако во последните шест месеци четворица анестезиолози заминале во пензија. Кумановската болница е регионална здравствена установа и опслужува околу 200.000 пациенти од Североисточниот Регион.
Недостатокот од овој исклучително важен кадар се надополнува со ангажирање анестезиолози со договор на дело од установите од Скопје: Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), Клиниката за гинекологија и акушерство, Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и еден пензиониран лекар. Во болницата има над 20 хирурзи.
Директорот на болницата, Сашо Стошевски, вели дека ова е најголемиот проблем со кој се соочува установата, но дека со ангажирањето лекари од страна успеваат да го покријат работењето.
„Дваесет работни денови имаме 24-часовна покриеност со по еден анестезиолог, а десет дена по 16 часа. Лекарите од Скопје работат од 14 до 7 часот наутро, додека нашиот пензиониран доктор работи од 7 до 14 часот. Најголема потреба има на Одделението за гинекологија и акушерство, особено при породувања со царски рез, а потоа и за хируршките интервенции. Кога е неопходен транспорт на пациент во Скопје, немаме придружба од анестезиолог, туку од лекар, медицинска сестра и анестезиолошки техничар“, вели Стошевски.
Тој додава дека на сите четворица анестезиолози кои заминале во пензија им било понудено да продолжат со работа, но само еден од нив ја прифатил понудата.

Стошевски, кој е директор на болницата од мај 2025 , посочува дека проблемот со недостатокот од анестезиолози е присутен во речиси сите болници во внатрешноста и дека тој го наследил, бидејќи специјализациите требало да се планираат пред седум до осум години. (Фото: СДК.МК)
Во моментов во болницата има пет лекари на специјализација по анестезиологија – едната специјализација треба да заврши до јуни годинава, втората во октомври следната година, а останатите во 2030 година.
Стошевски, кој е директор на болницата од мај 2025 , посочува дека проблемот со недостатокот од анестезиолози е присутен во речиси сите болници во внатрешноста и дека тој го наследил, бидејќи специјализациите требало да се планираат пред седум до осум години. Решението од оваа состојба, според него, е во измена на законската регулатива.
„Овој проблем не можеме да го решиме ние како болници, туку единствено Министерството за здравство, со промена на законот со кој на лекарите, без нивна согласност, може да им се наложи да работат во друг град, како што тоа беше до 2020 и некоја година. Во спротивно, ние немаме решение“, додава Стошевски.
Тој истакнува дека досега не се нашле во безизлезна ситуација што би имала последици по животот на пациентите, но граѓаните реагираат затоа што болницата не може да одговори на сите нивни здравствени потреби.
Министерот за здравство Азир Алиу во ноември најави дека се работи на голема реформа за нови специјализации и профили.
„Специјализациите нема да бидат како што овие 15 години ги креираме, тој профил на кадар. Дојдовме до заклучок дека неопходни се општи специјализации кои ги немаме. Ве уверувам дека за месец, месец и пол ќе видите дека сите слободни места за специјализации ќе бидат базирани на оваа табела, а не на телефонски повик од типот’ Сакам моето дете да биде ваков или таков доктор’. Паралелно работиме со нашите лекари и медицински сестри кои се надвор од државата за да може некој од нив да се вратат. Тројца веќе вративме во Македонија“, кажа Алиу.
С. НИКОЛИЌ



