НЕМА ВЕЌЕ ВЕНЧАВКИ ВО МУЗЕЈОТ НА ВМРО, БРАК СЕ СКЛУЧУВА ВО КАНЦЕЛАРИЈА ВО ЗГРАДАТА НА ПОРАНЕШНА „КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА“

    НЕМА ВЕЌЕ ВЕНЧАВКИ ВО МУЗЕЈОТ НА ВМРО, БРАК СЕ СКЛУЧУВА ВО КАНЦЕЛАРИЈА ВО ЗГРАДАТА НА ПОРАНЕШНА „КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА“Скопје нема соодветен и репрезентативен објект и сала за венчавање, па брак се склучува во канцеларија. (Фото: К.Попов)

    Во канцеларија во зградата на поранешна „Комерцијална банка“ се изведуваа венчавки бидејќи во Скопје нема друг соодветен и репрезентативен објект и сала за венчавање.

    Откако матичното во Општина Центар беше затворено бидејќи беше руинирано и несоодветно за венчавање, венчавки се одржуваа во Музејот на ВМРО и во Портата Македонија. Овие простории беа привремено решение додека се изгради хотелот и Офицерскиот дом на Плоштадот Македонија каде треба да има сала за венчавање и канцеларија за градоначалникот на Град Скопје. Но, речиси една година венчавки не се одржуваат во Музејот на ВМРО и Портата оти Министерството за култура го раскина договорот со матичната служба. Раководството на објектите сметало дека вакви свечености не треба да се одржуваа во музејот бидејќи на нив присуствуваат голем број гости и можат да се уништат делата кои се поставени.

    „Срамота е за главен град да нема репрезентативен објект за венчавки. Сега младите ги венчаваат во канцеларија во зградата на ‘Комерцијална банка‘ или во оние Општини каде има матична служба. На венчавката може да присуствуваат само младите, двајца сведоци и матичарот. Секако дека тие објекти не се соодветни за еден ваков чин. Толку години се ветува ново матично, ама ништо од тоа“, велат вработени во матичната служба.

    Од Град Скопје велат дека според договорот кој минатата власт го склучила со бизнисменот Сергеј Самсоненко, во рамките на хотелот на Плоштад Македонија, треба да има и објект за матично. Рокот за изведба е до 2022 година.

    Од матичната служба велат дека од крајот на август матичарите венчаваат и надвор од канцеларии, но само на отворен простор со почитување на протоколите за заштита од коронавирусот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира