НЕОЖНЕАНИ СЕ 40 ОТСТО ОД ПОСЕВИТЕ СО ОРИЗ, ЖЕТВАТА ДОЦНИ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

    НЕОЖНЕАНИ СЕ 40 ОТСТО ОД ПОСЕВИТЕ СО ОРИЗ, ЖЕТВАТА ДОЦНИ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИОризопроизводителите се жалат и на ниската откуна цена на оризот. (Фото: СДК.МК)

    Годинашнава жетва на оризот е во втора фаза, но сè уште е далеку од крајот на собирањето на родот од оризовите површини. Се смета дека над 40 отсто од вкупно застапените 4.000 хектари со ориз во регионот сè уште не се ожнеани.

    Жетвата се интезивираше викендов, но оризарите секојдневно се преокупирани со оваа завршна операција со собирање на родот за да не ги прегази времето затоа што временските прилики, климатските промени и задоцнетата сеидба, како што велат, годинава го сториле своето, па во прашање доаѓа крајната реколта чие собирање може да се пролонгира и во текот на овој месец ако тоа го дозволи времето. Но, и времето не им оди во прилог на производителите затоа што дождот ги спречува комбајните и останатата механизација да влегуваат во нивите.

    Горан Пешов од селото Крупиште пред 5-6 години почнал да се занимава со оризопроизводство, откако како наследство добил 4 хектари ниви што ги насеал со оваа култура. Но, како што вели, секоја година се мисли дали да продолжи со оваа дејност затоа што откупните цени од 22-25 денари за килограм оризова арпа се крајно неповолни.

    „За викендов изнајмив комбајн за да го искористам погодното време за жнеење, но цело време се прашувам што со родот кога откупната цена е далеку од производствената која изнесува околу 28 денари, колку што била утврдена од Институтот по земјоделство. Во атарот на Крупиште оризот е застапен на околу 40 хектари, но и останатите производители се принудени сега само да ја соберат реколтата, а производството да го складираат и да чекаат повисока откупна цена која по наше треба да биде најмалку 40 денари за килограм арпа“, вели Пешов кој очекува принос од 8.000 килограми од хектар.

    Од кочанското Здружение на оризопроизводители велат дека жетвата годинава малку доцни поради доцната сеидба, но и поради климатските промени, па може да се случи да се жнее и наредниот месец, но прашање е каков род ќе се добие. Приносите во повеќе атари веќе се сведуваат на околу 500 килограми од декар.

    „Водостопанската организација оваа година ја подобри својата работа, па иако со мало задоцнување се успеа да се насеат предвидените површини. Од друга страна, повремените врнежи од дожд прават механизацијата да заглавува во нивите, речиси во сите атари на Кочанската Котлина. Последниот дожд ќе ја пролонгира жетвата најмалку за една недела. Тоа значи дека може да се случи да се жнее и до Нова година, а може и снег да нè фати. Од друга страна, 7-8  откупувачи во регионот од државата добија по 300, 400, а некои и 500 хектари земја, па сега тие си го складираат нивниот ориз, а за нашиот нè тераат да набавуваме сушари затоа што арпата имала 24-25 проценти влага. А можност за таква набавка немаме“, вели производителот Здравко Арсов од селото Облешево.

    Неговите соселани додаваат дека во овој период биле посветени на жетвата, па своите активности за средба со владините претставници ги ставиле во мирување поради Локалните избори. Но, кога изборите веќе завршија, како што велат, ќе ги повторат своите барања, иако од надлежните добиле ветувања дека ќе има повеќе мерки за откупот и откупната цена и за субвенциите и нивно навремено исплаќање, а не како досега некои да добиваат поволности, а други производители да останат со празни раце и со месеци да ги чекаат дополнителните субвенции. Не исклучуваат протести, ако севкупната состојба не се подобри.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира