Непристрасноста е еден од главните критериуми кои се оценуваат при акредитирањето на лабораториите кои тестираат градежни материјали, велат до Инстутутот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ). Меѓу материјалите што се тестираат е и асфалтот кој се става на коловозите низ државата.
Во Битола, во изминатиот период имаше повеќе случаи во кои по асфалтирање на реконструирани коловози се јавуваа проблеми со изведбата. По неполн месец од асфалтирањето распука улицата Бурса, за два месеца се деформираше и асфалтот на кружниот тек кај старата Ветеринарна станица во Битола, дел од асфалтот на улицата Стив Наумов беше раскопан и повторно преасфалтиран. Преасфалтирана беше и улицата кај трговскиот центар „Блис“ поради оштетувања. Откако беше ставен асфалтот на новите велосипедски патеки, на неколку места имаше интервенции.
Маријана Спасевска, раководителка на Одделението за комунални дејности и уредување на градежно зејиште на Општина Битола, на комисиска расправа минатата недела рече дека добиваат извештаи од акредитирани лаборатории дека асфалтот што се тура на улиците е добар, а на терен се гледа дека нешто не е е во ред. Затоа, од буџетот се издвоени половина милион денари (над 8.100) евра за да може да прват анализи во независна лабораторија ако се јави проблем.
Во државата има 14 акредитирани лаборатории за тестирање градежни материјали. Но, од ИАРСМ велат дека статусот на сите е еднаков, единствено може да се разликуваат по бројот на акредитирани методи, параметри за тестирање и материјали. Тоа значи дека Општината не може да побара експертиза од независна лабораторија ако се јави проблем со асфалтот, туку да го испита во друга од акредитираните.
„Ако корисникот на услуги за тестирање не е задоволен од резултатот од тестирањето може да побара да присуствува на тестирањето на неговиот примерок во лабораторијата, може и да поднесе жалба до самата лабораторија за резултатот од кој не задоволен, а исто така може и да го тестира примерокот и во друга акредитирана лабораторија“, вели Теодора Ташевска од Одделот за акредитација на лаборатории при ИАРСМ.
Може да се поднесе и жалба до Инстутутот за акредитација.
„Во случај кога до Институтот се доставува жалба, ако се утврди дека некоја лабораторија не ги почитувла барањата на стандардот и не презела корективни мерки во определен рок, акредитацијата може да им биде суспендирана. Доколку и понатаму не ги почитува одредените насоки од Институтот, суспензијата води до повлекување на акредитацијата“, вели Сандра Костеска од Одделот за акредитација при ИАРСМ.
Од Општина Битола велат дека преку јавна набавка ќе изберат акредитирана лабораторија која ќе може да спроведе анализа врз асфалтот доколку понатаму се појават проблеми. Тоа го сфаќаат како добивање второ мислење за да откријат во што е проблемот, а не се работи дека не им веруваат на лабораториите. Посочуваат дека не секогаш проблемот е во асфалтот туку се случува да има неквалитетна подготовка, лоша механизација и слично.
Ж. ЗДРАВКОВСКА