НЕВООБИЧАЕНО ЗА НОЕМВРИ, ШУМСКИ ПОЖАР ЧЕТИРИ ДЕНА ГОРИ КАЈ СЕЛО МОКРЕНИ

    НЕВООБИЧАЕНО ЗА НОЕМВРИ, ШУМСКИ ПОЖАР ЧЕТИРИ ДЕНА ГОРИ КАЈ СЕЛО МОКРЕНИОваа есен нема дождови, па се запалува листецот и се појавуваат шумски пожари (Фото: СДК.МК)

    Четири дена, од понеделникот до вчеравечер, пожар зафатил површини во околината на село Мокрени. Станувало збор за т.н. подземен пожар, во кој горат паднати суви лисја и дрвја, не стоечка дрвна маса. За ова реагираат од шумското стопанство „Бабуна“ од Велес и упатуваат добронамерен апел до ловџиите, кои, според нив, го предизвикале пожарот. Шумскиот пожар бил локализиран дури вчера попладне.

    „Четири дена, 20-ина вработени од шумското стопанство ‘Бабуна‘ го прекинаа производниот процес и беа на терен да го локализираат пожарот. Бидејќи во викендите овие реони се посетени од ловџии, кои легално ловат крупен дивеч, честа е појавата по нивното заминување да се појават помали задимувања, кои во претходниот период успешно сме ги гаснеле. Сезонава нема дождови, па се запалува листецот и се појавуваат шумски пожари, што е невообичаено за ноември. Викендов ќе има дежурства за да не се случи нешто слично, но и да ја сочуваме шумата во околината на Мокрени, која има високо квалитетни букови и дабови насади. Затоа апелирам по завршувањето на ловниот ден, внимателно да се изгаснат огништата кои се палат за храна и загревање, за да немаме ситуација да гаснеме пожар во зимски период“, рече Љубенка Попова, директор на „Бабуна“.

    Од ловното друштво „Руен“ потврдуваат дека изминатиот викенд имале голем број ловџии на теренот околу Мокрени, но сметаат дека, можеби, пожарот го предизвикал некој друг.

    „Во периодот за кој се нагласува дека се случил пожарот, на теренот околу Мокрени имаше голем број моторџии, кои возеа низ овој предел. Но, имаше и овчари кои ги симнуваа овците од планина, така што викендот имаше многу народ во шумата околу Мокрени“, информираа од ловното друштво „Руен Велес“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира