Невреме ги уништи лозовите насади во Тиквешко. Поројните дождови оставија уништени гроздови зрна, а лозјата се претворени во зелени езера. Овие фотографии ги направивме попладнево на дел од тиквешките лозја, откако лозари алармираа за САКАМ ДА КАЖАМ.МК дека по зимските и пролетните мразеви и поројните дождови исто така ги уништија насадите.
„Синоќа имаше страшно невреме, но дури попладнево успеавме да видиме што оставиле зад себе пороите и градобијните зрна. Десертното грозје кое требаше да го береме за месец дена, сега гледате колку е оштетено, поцрнето и уништено. Од овие скапани зрна не бива десертни гроздови“, ни рече кавадарчанецот Дане Јошев.
Лозарите допрва ќе ги проценуваат штетите во своите имоти, а апелираат до надлежните во државата да формираат комисии и да излезат на лице место да ги утврдат оштетувањата и да им помогнат. Според нивните првични согледувања, штетите се движат и до 80 проценти. Но и тие гроздови зрна кои се останати, се оштетени. Зафатени се повеќе од двеста хектари под лозов насад. .