Невремето и високите бранови вчера на охридскиот брег исфрлија над 30 кубни метри ѓубре. И порано Охридското езеро преку брановите се ослободуваше од отпадот, но од „Охридски Комуналец“ информираат дека никогаш досега не била исфрлена толкава количина на пластична амбалажа, износени алишта, постелнини, трски.
„Моравме да ангажираме дваесеттина работници од нашата фирма и силна механизација за да го собереме ѓубрето што беше исфрлено на охридскиот кеј. Никој не памети дека некогаш на брегот имало толку отпад. Собравме над 30 кубици материјал“, ни изјави директорот на „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.
Од „Комуналец“ велат дека Сатеска и Грашница буквално го затрупале езерото со ѓубре. Сатеска со децении е најголем загадувач на Охридско Езеро откако во седумдесеттите години од минатиот век нејзиниот тек беше пренасочен. До тогаш се влеваше во Црн Дрим
„Знаеме дека голема количина на ѓубре се фрла од жителите на селата што се покрај овие реки. Изгледа дека нив најлесно им е отпадот да го фрлат во реките, а тие потоа ги носат директно во Езерото. Ова не е појава од поново време, се случува со години“, појаснува Грданоски.
Деновиве екипи на Комуналец деноноќно дежураат покрај охридскиот кеј, бидејќи метеоролозите најавуваат силни ветришта во Охрид.
Д. ЧУБРИЌ