Тетовската полиција заедно со надлежните инспекциски служби и Управата за јавни приходи (УЈП), во вчера направиле контроли во 16 угостителски објекти во Тетовско и Гостиварско и во сите е утврдено незаконско работење. Од СВР Тетово велат дека се контролирани 10 објекти во Тетовскиот и 6 во Гостиварскиот Регион.
„На 19.03.2025 во период од 10 до 15 часот, полициски службеници од СВР Тетово и ОВР Гостивар во содејство со претставници од Управата за финансиска полиција, Државен пазарен инспекторат (ДПИ) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), извршија акциска контрола и презедоа координирани мерки и активности насочени кон сузбивање на недозволени криминални активности кои се вршат во угостителски објекти на подрачјето на Тетово и Гостивар, со приоритетна цел на сузбивање на недозволена трговија со дрога, посредување во вршење на проституција, перење на пари, коруптивни кривични дела од страна на службени лица вработени во државни институции поврзани со незаконско работење на субјекти кои вршат угостителска дејност и други нелегални активности. Извршени се контроли во 16 угостителски објекти (Тетово – 10 и Гостивар – 6), кај кои биле констатирани низа неправилности и од страна на ДПИ и ДЗС ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци, додека од страна на ДПИ биле затворени два угостителски објекти во Тетово“, соопшти СВР Тетово, во чија надлежност е и Гостиварскиот Регион.
З. АНДОНОВ