„НЕЗАВИСНИ ЗА КАРПОШ“ ЌЕ ОДИ САМОСТОЈНО НА ИЗБОРИТЕ КАКО ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА

    „НЕЗАВИСНИ ЗА КАРПОШ“ ЌЕ ОДИ САМОСТОЈНО НА ИЗБОРИТЕ КАКО ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА„Независни за Карпош“ одлучи да не биде дел од новата политичка платформа „Независни заедно“, како што најавија минатата недела, туку да настапи самостојно како граѓанска иницијатива. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ на Локалните избори ќе настапи со самостојна граѓанска листа. Вела дека одлучија да не бидат дел од новата политичка платформа „Независни заедно“, како што најавија минатата недела, туку да настапат самостојно како граѓанска иницијатива. Платформата „Независни заедно“ собира потписи за да се регистрира како партија.

    „Остануваме на принципот дека самостојното делување ни овозможува да се прилагодуваме на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во нашата општина. Приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори, и сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење, ќе ги искористиме тие опции. Конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на општина Карпош“, велат од „Независни за Карпош“.

    „Зелен хуман град“ и „Независни заедно“ почнаа да собираат потписи одлучија да формираат партии, бидејќи партиите од власта и опозицијата го блокираат нивното право да учествуваат на изборите како граѓански иницијативи. Оставена е правна празнина откако Уставен суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите. Граѓански иницијативи, „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“, „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово, поднесоа барање до Собранието и до Министерството за правда да се направат итни измени на Изборниот законик со кои ќе се реши оваа празнина, но тоа не се случи. Нивните барања беа игнорирани од партиите од власта и од опозицијата.

    Државната изборна комисија (ДИК) на 9 август го стави вон сила Упатството за собирање потписи, по одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите 61 и 62 од Изборниот законик. Со тие членови беше дефиниран потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидатски листи.

    Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко, на 11 август на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што да прават независните кандидати, дали да продолжат со собирање потписи и дали ДИК ќе одлучува како би учествувале на локалните избори среде законскиот вакуум, рече дека во Изборниот законик е дадено правото на независни кандидати и листи, односно во Изборниот законик именувани како „група избирачи“.

    „Државната изборна комисија веќе се изјасни дека правото на учество на група избирачи е дадено директно со закон и за тоа Комисијата нема зошто да одлучува, туку ќе го применува член 60 од Изборниот законик. Во Законот не постои само бројот на потписи потребен за кандидирање. Останува да се види дали пред почетокот на законскиот рок за собирање потписи (10 дена по распишувањето избори), Собранието ќе ги донесе измените на Законикот со кои ќе се определи бројот на потребни потписи. Ако не ги донесе, ДИК ќе го прецизира Упатството за поднесување на листи во смисла на примена на член 60 без собирање потписи“, изјави Кондарко за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека претставници од Министерството за правда ќе се сретнат со правни експерти кои укажуваат дека учеството на независни кандидати на избори не може да се регулира со подзаконски акт на Државната изборна комисија (ДИК). По средбата, како што рече, ќе се преземат чекори кои ќе бидат во рамките на законите. Мицкоски вчера кажа дека ставањето вон сила на упатството не го нарушува изборниот процес и дека ДИК има законска обврска да донесе ново.

    Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира