„Бебето не ми почина во стомакот, ниту беше извадено со вакуум, имаше време за царски и до утре можат да ме убедуваат дека немало. Па еве, кога било во канал, можеа веднаш да употребат вистински вакуум и да ми го спасат бебето“, објави во потресното сведоштво на својот фејсбук профил 24-годишната Викторија Крстеска, родилката чие бебе почина во неделата по раѓањето на Одделението за гинекологија во Клиничката болница во Битола. Таа породувањето го опишува како страшно искуство, насилно, со упатени навреди, под секое достоинство.
„Овие денови требаше да ја добијам најголемата титула во животот – мајка. Поради партиските ‘препуцавања’, ривалство, инает меѓу докторите и неспособноста го изгубивме највредното нешто во животот – нашиот Јован, нашето најмило. До кога поради вас партиски пиунчиња ќе страдаме?“ , вели Крстеска.
Понатаму, за една од вработените вклучени во породувањето вели дека веднаш потоа заминала на одмор и не се појавила на ниту едно сослушување.
„Точно дека бев вратена од болница дома и сè уште си го поставувам прашањето, зошто? Се вратив во раце на други. Откако ми го пукнаа водењакот и ‘искусните’ воочиле дека има мекониум, а ЦТГ уредно, а за кое никогаш не одбив да ми биде направено, имаше време за царски рез и до утре можат да ме убедуваат дека немало, било во каналот… Па еве, кога било во канал, можевте веднаш да употребите ама вистински вакуум и да го извадите и ми го спасите бебето, а не додека после пукање на водењакот викав, кревајќи ја болницата од болки и молев за рез, уште два часа, госпоѓата која што веднаш после смртта на моето бебе си замина на одмор и не се појави на ниту едно сослушување, која тврдеше дека не учествувала во меоето породување, иако таа ме искасапи и животински ми скокаше на стомакот, ми се смееше и ми рече ‘ако не ти се бендисваме ние оди си во Плодност’. Удирајќи ме во стомакот, на кој што уште имам траги, насилно ми го извадивте бебето кое никогаш не успеав да го видам! И уште лесно било породувањето, па не било насилно“, пишува родилката.
Додава дека дел по дел ќе обелоди сè за случајот. Верува дека е направен пропуст, но се сомнева дека некој ќе сноси одговорност. Воедно се сомнева дека и обдукцијата ќе биде така напоравена за да нема биде никој виновен.
„Оставки, жалења, тажења – не. Нè потценивте и мене и сопругот. Ќе ве изгорам сите, верувам. Ни го убивте бебето поради вашето его, надменост и непрофесионализам, мислејќи дека сте Бог. Парична казна? Смешно е. Дури не сносат одговорност нема да се откажеме“, вели Крстеска.
САКАМДАКАЖАМ.МК вчера упати прашање до Министерството за здравство дали некој од лекарите кои беа вклучени во породувањето се недостапни за надзорот, беше одговорено дека за Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) сите биле достапни, но не беше кажано дали истото важи и за стручната комисија.
Бебето почина во неделата по породувањето на Крстеска во Битолската болница, по што следуваа два наздора, а директорот Александар Обедниковски си даде оствака. ДЗСИ најде пропусти во работењето и најави дека ќе бидат поднесени прекршочни, односно парични казни за еден од тројцата гинеколози поврзани со случајот, болницата и директорот.
Лекарот која ја прими родилката Михајло Вангелов, но не учествуваше во породувањето, зашто како што тврди процесот не бил почнат за време на неговото дежурство, а на него се однесува и прекршочната мерка, рече дека направил само административна грешка во водењето на евиденцијата, а не и лекарска за што понатаму ќе утврдува стручната комисија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА