Не градиме ние туку сме само закупци на објектот кој е приватна сопственост, велат сопствениците на „Рок кафана Рустикана“ за градбата на објектот на местото на опожарените бараки на Заводот за урбанизам и архитектура во скопски Карпош. Велат дека се врши обновата на објектот со што тој се враќа во поранешната состојба врз основа на проект за обновување.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 15 мај објави дека на местото на бараките се гради нов објект односно кафеана, а намената на локацијата според Деталниот урбанистички план (ДУП) на Општина Карпош за овој дел е образование.
Од „Рок кафана Рустикана“ велат дека не станува збор за градба, туку за обнова која ја изведува сопственикот на објектот кој е приватизиран пред да биде донесен актуелниот Детален урбанистички план (ДУП). Тие како закупци само го опремуваат.
„Објектот беше огласен дека се изнајмува, имаше табла на самата локација, па така го видовме и решивме локалот кој со години постоеше на улицата Илинденска да го преселиме тука. Од парцелата, 1.612 метри квадратани се водат како деловна зграда вон стопанство, а 89 метри квадратни под научни институции – кои се во сопственост на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Ние го изнајмуваме само просторот за деловна зграда која е во приватна сопственост. Дозволата за обнова ја има добиено сопственикот на објектот, ние го изнајмуваме откако тој ќе биде обновен. Нема цврста градба, ниту зголемување на површината. Ќе биде угостителски објект според сите безбедносни стандарди, велат од „Рок кафана Рустикана“.
Велат дека „Русти кидс“, која е поддружница на „Рок кафана Рустикана“, е регистирана на 14 мај, за да се одделат сметките на кафулето и на игротеката.
„Посебен дел ќе биде игротека за деца. Не станува збор за нова фирма туку подружница регистрирана под иста деловна шифра – за подготовка и послужување на храна и пијалоци. Ние не криеме ништо, постоиме како фирма со години и се рекламираме на нашите страни на социјалните мрежи бидејќи објектот ќе биде според сите стандарди“, велат закупците.
Од Општина Карпош не знаат што ќе биде намената на објектот каде според ДУП-от се предвидува образование. Велат дека на сопственикот од Општината му е издадена дозвола да врши обновување на објектот кој бил опожарен.
„До Општина Карпош е поднесено техничко решение, согласно член 77 став 1 и став 2 и член 78 од Законот за градење, кои му овозможуваат на сопственикот да врши обновување на објектот кој претходно беше опожарен и враќање во првобитна состојба врз основа на проект за обновување. Во поднесената документација е наведено дека се обновува деловниот простор како што било и претходно. На оваа локација според ДУП-от е предвидено намена образование“, велат од Општина Карпош.
А. АНТЕВСКА