Водостојот на Преспанското Езеро бележи мало подобрување, надмината е катастрофалната состојба од минатото лето, но се` уште е околу пет метри под нултата кота во Наколец, соопштија од Секторот за животна средина во Општина Ресен.
„Согласно денешното мерење на водостојот во Преспанското Езеро, состојбата покажува мало подобрување на нивото на водата. Водостојот според водомерната летва во село Наколец е на кота 842,65 метри, а тоа покажува разлика од 4,95 метри во однос на нулатата кота во Наколец која е 847,60 метри. Ваква слична состојба имавме и во февруари 2020 година, но состојбата од април до октомври и пред Нова година во 2020 година беше полоша од сегашната“, вели Ајман Ал Маала, раководител на Секторот за животна средина во Ресен.
Тој истражувал од кога се мери нивото на Езерото и стигнал до релевантни податоци од 1951 година, а не од порано. Според нив, најмногу вода имало во 1963 година кога стигнала до асфалтираниот пат во Претор.
Иако има мало подобрување во водостојот, тоа сепак е далеку од оптимистички прогнози, ако се има во предвид и дека доаѓа лето, односно сушен период.
„Откако знам за Преспанското Езеро, годинава состојбата е најлоша, а ниското ниво преставува голема опасност и за Охридското Езеро зашто 25 проценти од приливот на свежа вода доаѓа од Преспа“, вели пратеничката на СДСМ Бети Рабаџиевска-Наумовска која е од Ресен.
Таа заедно со пратениците Ненад Коциќ од истата партија и Кастриот Реџепи и од БЕСА подготвија информација за алармантната состојба на Езерото и бараат таа да биде ставена на дневен ред на следната седница на Собранието и за неа да се одржа јавна расправа. Така сметаат дека ќе се забрзаат мерките за спас на Езерото, а посебно бараат заеднички мониторинг од трите држави на чија територија се протега Македонија, Грција и Албанија.
„Преспанското е подеднакво важно како и Охридското Езеро. Ако го изгубиме Преспанското го губиме и Охридското Езеро. Во опасност е доведена состојбата за Охридското Езеро. Владата од декември има донесено акциски план, подготвен од експертска група од страна на Министерството за животна средина во која беа вклучени лица од релевантни институции и НВО. Тој предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки. Од она што читаме, најавено е од Министерството за живота средина дека кон средината на јуни е договорена средба на министри на животна средина на трите држави. Сакаме да се интензивира, да се забрза, бидејќи летниот период е период на суши и можно е состојбата да биде и полоша“, вели Рабаџиевска-Наумовска.
Во информацијата се посочува дека според геолозите, Езерото е е зафатено со процес на „стареење“. Тоа има постојан подземен истек, кој го поврзува со Охридското Езеро чија слободна водена површина се наоѓа за околу 150 метри пониско од Преспанското. Се посочува дека се поставени црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за префрлување на вода во системот за наводнување на Ресенското Поле, подигната преграда на спојот меѓу Малото и Големото Езеро, при што е спречен природен површински истек. Дополнително се поставени табласти затворачи кои ги контролираат и поголемите води кои го плават крајбрежјето на Мала Преспа и истекуваат неповратно кон Албанија. Се интензивираат изведувањата на нови бушотини за индивидуално црпење на вода и локално наводнување.
Со груба пресметка може да се каже дека во просек езерото годишно има недостаток од 53,0*106m3 вода или неповратно истекување во годината количина од 1,68m3/s.
„Потребна е итност на следните активности: иницирање на состанок на Комитетот за Преспа Парк во рамки на Договорот за заштита кој стапи во сила мај 2019 година. Да се разговара со албанската страна за истекот на водите од Мала Преспа кај месноста викана Грло. Разговор со грчката страна во врска со испуштање на количини вода од Мала Преспа во Големото Езеро. Контрола на сите водотеци кои придонесуваат со свои водни количини во водите на езерото, контрола на подземните води, контрола за запирање на истекот кај месноста Грло, контрола за спроведување на договореното испуштање на вода од Браната на Мала Преспа во Грција, мониторинг на изворите на Црн Дрим кај Св.Наум, изворите кај Тушемишти Албанија и друго“, се вели во информацијата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА