За два месеца нивото на Преспанското Езеро нарасна за 48 сантиметри, според податоците од дневните извештаи на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Обилните врнежи од дожд кои паднаа во изминатите два месеца, околу 21 ноември минатата година (2025) и на 7 јануари годинава (2026), поплавија куќи, магацини, дворови и овоштарници, но донесоа и надеж за Преспанското Езеро.
Според податоците објавени од УХМР, водостојот на Езерото измерен кај мерната станица во Наколец на 8 јануари 2026 година изнесуваше 841,36 метри надморска височина (мнв). Доколку тоа се спореди со водостојот од 7 ноември 2025 година, односно периодот пред дождовите кога нивото беше 840,88 мнв, пресметките покажуваат дека водостојот е пораснат за 48 сантиметри.
Нивото од 7 ноември до 2 декември лани се зголеми за 27 сантиметри, кога водостојот достигна 841,15 мнв, а оттогаш до сега за дополнителни 21 сантиметар.
Преспанското Езеро со години се соочува со загрижувачки низок водостој. Се смета дека максимумот е достигнат во 1963 година и изнесувал 851,83 метри надморска височина. Потоа нивото почна да опаѓа, а ваквиот процес, поради климатските промени, понирањето на водата и неконтролираното искористување, се интензивира во последните 30 години. Научните анализи за иднината на Езерото беа песимистички, но сега, по подолго време, се врати ронка надеж дека не е сѐ загубено.
Преспанското Езеро, заедно со крајбрежниот појас, поради природните убавини и научните вредности, е прогласено за споменик на природата. Тоа има огромно значење за заштитата на биолошката разновидност и влегува во категоријата на најстарите зачувани тектонски езера во светот. Неговата старост се проценува на повеќе од пет милиони години.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



