Месец ноември е месец на прослави во Тетово. Слават и Македонците, слават и Албанците, но не заедно туку строго поделени по национална основа. Македонците ја одбележуваат 80 годишнината од ослободувањето на Тетово од фашистичкиот и балистичкиот окупатор. Албанците ги прославуваат 22 ноември Денот на албанската азбука и 28 ноември Денот на албанското знаме.
Денот на ослободувањето на Тетово ќе се одбележува во 13 денови од ноември, а се предвидени 20 настани од областа на културата кои ќе се одржуваат од 2 до 19 ноември. Тие во најголемиот дел ќе се одржуваат во Музејот на Тетово, каде директор е Македонка. Албанците ќе имаат свои настани, независно од Македонците, повторно најмногу од областа на културата, и спортот, со учество на домашни изведувачи како и гости од Албанија и Косово. Албанците ќе прославуваат 22 денови односно од 3 до 28 ноември. Најголемиот дел од нив ќе се одржат во НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, каде директор на установата е Албанец. Сите овие настани се отворени за публиката.
Ваква етничка поделба на настаните се случува во последниве дваесетина години, а од година во година е сè поизразена.
Одбележувањето на 19 Ноември денот кога партизаните единици го ослободија Тетово и ги избркаа од градот фашистите и балистите кои го 4 години го држеа градот под окупација започнато е некаде после 1945 година. Тој ден беше еден од најзначајните празници во градот кој долги години се одбележуваше по едно точно утврдено сценарио. Изутрината на 19 ноември беше изведуван импровизиран напад на градот, ќе пукнаа неколку пушки како знак дека Тетово конечно е слободно. Покрај бројните културни и спортски манифестации, о кои најзначајна беше ноќната трка низ улиците на градот, во големата сала на Општина Тетово се одржуваше главната манифестација. Се читаа реферати за значењето на овој ден а на повеќемина заслужни граѓани и се доделуваше највисокото општинско признание Наградата 19 Ноември. Едно од двете кино сами во Тетово го носеше името 19 Ноември.
Така беше сè до осамостојувањето на Македонија и воведувањето на повеќепартискиот систем во државата и во работата на општините. Новиот повеќепартиски Совет на Општината во кој мнозинството го имаа партиите на Албанците во Македонија, скромно го одбележуваа 19 Ноември уште некоја година за конечно да донесе одлука дена 19 Ноември веќе не е Ден на градот туку тоа е 3 Март, денот кога во 1992 година се конституиран новиот повеќе партиски Совет на Општината. Од тогаш па наваму Општината сосем го избриша овој датум, ниту го прославуваше ниту го одбележуваше и така беше сè до пред 5 години кога неколку македонски интелектуалци, во соработка со Сојузот на борците од Тетово повторно ја возобновија заборавената традиција и започнаа редовно да го одбележуваат овој значен датум за градот Тетово, со повеќе културно забавни и спортски манифестации, а беше обновено и доделувањето на наградата 19 Ноември на заслужни граѓани на Тетово. На овие свечености никогаш не присуствувале претставници од Албанците од општинската власт. Оваа година се одбележува еден значаен јубилеј 80 години слободно Тетово.
Одбележувањето пак на Денот на албанското знаме во времето на социјализмот во Тетово беше забранувано со образложение дека тоа е знаме на тогашната Народна Република Албанија. Тогаш не важеа изговорите дека тоа е национално знаме на сите Албанци, па и ако имаше некакви одбележувања и истакнувања на албанското знаме на улици или куќи тоа беше строго санкционирано. Со доаѓањето на плурализмот во Македонија почна сè поотворено да се празнува овој празник чие празнување од година во година зема сè поголем замав. За разлика од 22 Ноември, Денот на албанската азбука, кој од 2006 година од страна на Република Македонија е прогласен за празник и е неработен ден за припадниците од албанска националност, 28 ноември нема добиено значење на празник и тој треба да претставува обичен ден во Македонија.
Но, не е така. На тој ден, ако се падне во работен ден од неделата, не работи ниту една општинска институција, учениците кои посетуваат настава на албански јазик не одат на училиште, продавниците чии сопственици се Албанци речиси сите се затворени и не работата, а градот е преплавен со албански знамиња. Во првите години после конфликтот од 2001 година прославувањето на овој ден беше пропратно со бројни провокации: низ градот маршираа млади Албанци и Албанки облечени во црни униформи, со видно поставени симболи на двоглавиот орел, а неколку години на ред Домот на културата во градот, кој впрочем е државна институција, беше прекриен се огромно, триесет метарско знаме на Република Албанија. Во последниве неколку години овој датум се одбележува уште помасовно, но сега акцентот е ставен на културните и спортските настани.
З. АНДОНОВ