НОВА СОВРЕМЕНА ОПРЕМА ВО ШТИП, ВО КОЈА ШВЕДСКА ВЛОЖИ 2,3 МИЛИОНИ ЕВРА, ЌЕ ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ СО АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ

    НОВА СОВРЕМЕНА ОПРЕМА ВО ШТИП, ВО КОЈА ШВЕДСКА ВЛОЖИ 2,3 МИЛИОНИ ЕВРА, ЌЕ ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ СО АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕШтипскиот универзитет веќе подолго време спроведува испитувања на загадувањето во повеќе градови во државата (Фото: СДК.МК)

    Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ја стави во фунцкија новата современа опрема донирана од Шведска во рамките на проектот „Скопје се справува со аерозагадувањето“. За овој проект Шведска ќе потроши 2,3 милиони евра и се реализира во соработка со Министерството за екологија, УНДП и Штипскиот универзитет, кој подолго време спроведува испитувања на загадувањето во повеќе градови во државата.

    „Според досегашните анализи и научни истражувања, во Македонија дури 19 градови имаат поголемо загадување од стандардите на ЕУ. Ние сме подготвени да ви помогнеме во спроведувањето на реформите, вклучувајќи ги екологијата и аерозагадувањето. Анализите што ќе се прават во Штип ќе даваат податоци и комплетни научни информации кои се најголемите загадувачи и од кои извори“, изјави амбасадорката на Шведска во Македонија, Кристин Форсгрен.

    Најзагадените градови во Македонија истовремено се и меѓу најзагадените во Европа, велат од УНДП.

    „Проблемот бара интердисциплиниран пристап, па затоа во проектот се вклучени повеќе институции. Во лабораторијата во Штип веќе се добиваат примероци од скопските населби Лисиче и Карпош, со цел да се добијат повеќе детали за можните извори на загадувањето“, кажа Нарине Сахакјан, претставничка на УНДП во Македонија.

    Таа рече дека во рамките на проектот 60 домаќинства од Лисиче добија помош за промена на начинот на греење. Повикот ќе трае до 5 април и ќе бидат избрани уште 100 домаќинства од ранливите категории.

    Министерот за екологија Насер Нуредини смета дека со овој проект ќе се добијат научни податоци за полесно справување со овој проблем, за кој се зборува со години.

    „Со проектот можеме точно да утврдиме кои се загадувачите, како би можеле да креираме квалитетни мерки и политики за тоа како и во која насока треба да се смени начинот на греење. Ова е пилот-проект, но ќе се користи за целата држава“, вели Нуредини.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира