Новата локална власт во Битола наследи долг од над 105 милиони денари за обврски кон треба да ги исплати кон добавувачи и по основ на гаранции. Долгот е наследен од претходната локална власт која беше предводена од битолскиот ексградоначалник Владимир Талески.
Овие информации ги добивме во писмена форма како одговор на нашето барање за слободен пристап до информации, доставено до Општината уште во периодот додека Талески беше градоначалник. Одговорено ни беше деновиве по доаѓањето на новата градоначалничка Наташа Петровска.
Во изминатиот период, ретко добивавме одговор на парашања поставени за работата на Општината. Но, по промената на власта, Петровска изјави дека Општината ќе биде транспаретна и отворена за граѓаните.
Според доставената информација, на која како одговорно лице е потпишан Слободан Бончановски, раководител на секор за финансиски паршања, а и поранешен соработник на Талески, обврските кон добавувачите до втори ноември биле над 87 милиони денари, а по основ на гаранции над 18 милиони денари.
Локалната власт се промени, но не ги исплати долговите за битолското културно лето „Бит фест“ чиј покровител беше ексградоначалникот Владимир Талески. Во информацијата се наведува дека за „Бит фест“ не се целосно подмирени обврските за реализираните настани во Центарот за култура, библиотеката „Св. Климент Охридски“, Завод и музеј и кон некои други правни лица.
За филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ што во септември се одржа во Битола, обврската за покривање на трошоците за сместување на гостите во висина од два милиони денари, допрва ќе треба се подмири.
Градоначалничката Наташа Петровска во интервјуто дадено за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека општинската сметка ја затекнала со многу долгови, судски решенија со големи суми кои треба да се исплатат и други побараувања. За утре е најавена прес-конференција, а в понеделник седница на Советот за да се донесе ребаланс на буџетот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА