Блокирајќи го влезот на Битола од страната на Прилеп, жители и стопанственици простестираа зашто со изградба на новиот булеварски влез останаа без пристап до домовите и дуќаните. Тие се жалат дека мораат пеш да се движат низ разни прекопи и насипи, не можат да излезат или да влезат со возилата, а дуќаните ги затвораат.
„По земјен насип со три мали деца в раце одевме за в градинка да ги однесеме“, се пожали Пеце Момировски.
Жителите и дуќанџиите велат дека ова не е само привремен проблем туку дека на новиот влез кој се гради една година не се предвидени излези и влезови до куќите и дуќаните, па стравуваат дека трајно ќе останат отсечени од главната сообраќајница.
„Луѓето не можат дома да си одат. Деловните објекти ги затвораат. Ни беше ветено дека ќе ни направат привремена улица, тоа не е направено. Нѐ лажеа дека откако ќе се направи патот, ќе ни овозможат влез во станбените и деловните објекти, тоа не е направено. Веќе петти ден не работи автомеханичарски дуќан зашто нема пристап ни пеш да се влезе внатре, ни со возило. Еден минимаркет беше срамнет со земјата зашто кружен тек требаше да се гради, сопственикот по еден месец го прости Господ, а кружен тек нема“, рече Дарко Поповски.

Жителите бараат секоја куќа и деловни објекти да имаат влез дозволно широк за товарно или лесно возило или да се направи сервисна улица покрај главниот пат. (Фото: СДК.МК)
„Како овие млади луѓе ќе ги задржиме тука кога ги уништуваме бизнисите кои работеле со години. Од десната страна има куќи кои цел месец се отсечени од патот, една Брза помош да им затреба, нема како да влези таму“, вели Цана Митревска.
Проблем има и со експропријацијата, сопствениците ја имаат обжалено на суд, но и покрај тоа одземена им е квадратура од легализиран имот и ништо не им е платено.
„Решението за експропријација го обжаливме преку адвокати и ми дојде пресуда дека се поништува и дека се враќа на повторно разгледување. Истиот ден ми се јавија од Општина да им ги отклучам портите од мојот имот за да рушат. Рекоа не знаеле за такво решение и насила влегоа и урнаа“, рече Тони Илиевски.
Тие бараат секоја куќа и деловни објекти да имаат влез дозволно широк за товарно или лесно возило или да се направи сервисна улица покрај главниот пат.
Градоначалникот Тони Коњановски се сретна со претставници на битолчаните кои простестирааа, а до јавноста одлучи да се обрати преку својот фејсбук профил. Напиша дека Битола добива современ булеварски влез и дека прават сѐ според закон за тој дел од градот да функционира. Но, дека не може по ниту еден законски пропис да се дозволи излез и влез директно од магистрална улица, што истовремено е и крајно небезбедно.

Проблем има и со експропријацијата, сопствениците ја имаат обжалено на суд, но и покрај тоа одземена им е квадратура од легализиран имот и ништо не им е платено. (Фото: СДК. МК)
„Согласно урбанистичката документација во овој дел од градот не се предвидени деловни намени, туку зони за станбено домување, спорт и рекреација. Голем дел од објектите се бесправно изградени и немаат обезбедено сообраќаен приклучок. Оние градби кои се изградени согласно одобрение за градење, во проектната документација е утврден сообраќаен приклучок од секундарна сообраќајна мрежа, а не од магистралната улица, за што Општината презема интензивни активности за реализација. Бесправно изградените градби и градбите со стекнат правен статус врз основа на Законот за легализација не смее да ги држат во заложништво безбедноста во сообраќајот, ниту изгледот на влезот во Битола“, напиша Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА