Основното јавно обвинителство Скопје побара мерки за претпазливот за возачот на багерот кој вчера прегази 66-годишна жена на пешачки премин на улицата „Јордан Мијалков“ во центарот на Скопје, кај градилиштето на „Лимак“. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни обврски, соопшти Обвинителството.
Отворена е истрага за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 42-годишник од Скопје, на 1 јули, на улицата ‘Јордан Мијалков’ во Скопје, управувал мобилна машина ‘лиебхерр’ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. На обележан пешачки премин со машината удрил во телото на една жена-пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала. Непосредно по настанот, јавен обвинител изврши увид на лице место и издаде повеќе наредби со цел да се испитаат сите околности и да се утврдат причините за сообраќајната несреќа. По еден дел од наредбите се уште се постапува“, соопшти обвинителството.