Жалбата на „Кепс монт груп“ до второстепената комисија за управни постапки е отфрлена, со што српскиот инвеститор не може повеќе да врши никакви зафати на депонијата од згура, лоцирана покрај Топилницата во Велес. Тие се жалеа на решението на градоначалникот Марко Колев, кој не им одобри нова петгодишна „Б“ интегрирана еколошка дозвола за да продолжат со работа. Неговата одлука се засноваше на тоа што со новата дозвола се бараше инсталирање постројка за дополнителни дејности од дробење и мелење, со што Колев сметаше дека ќе се загадуваат животната средина, градот и неговите жители.
„Одбиена е жалбата на ‘Кепс моун груп‘. Ако се врати старата технологија за ископ, сеење, утовар и транспорт, веднаш ќе ја добијат дозволата“, кажа Колев.
„Кепс монт груп“ има право да го решава овој спор во Управниот суд. На прашањето до комапниајта дали ќе ја искористи оваа можност, конкретен одговор немаше.
„Како општествено одговорна компанија, ‘Кепс монт груп‘ секогаш постапува согласно позитивните законски норми и правата и обврските кои истите ги даваат, а воедно ги почитува и применува сите одлуки на државните и општинските органи“, стои во одговорот на поставеното прашање.
Колев најави дека ќе разговара со надлежните во Министерството за животна средина згурата да се третира како опасен отпад, а не како техногена минерална суровина, бидејќи така ќе се овозможи нејзин побезбеден транспорт.
Од октомври 2019 до септември 2023, додека траеше првата „Б“ еколошка дозвола, инвеститорот извезол скоро 500 тони по основ на продадени количини на техногена минерална суровина троска. Според Министерството за економија, концесионерот за 2019 година има платено 1.385 денари, за 2020 – 5.523 денари, за 2021 – 1.716 денари, за 2022 – 4.400 денари, а за 2023 нема податоци.
Според испитувањата од „Кепс монт груп“, депонијата има 6-10% цинк, 2,2-3,4% олово, а железен оксид 25%. Има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но од компанијата велат со скромно присуство од околу 0,01% и не биле слободни, туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.
Стручњаците предупредуваа дека со секој ветер дел од депонијата и тешките метали се разнесуваат до Велес, а нејзината близина до Вардар ја прави опасна поради можноста да се свлече и ја прегради реката. Депонијата од згура е една од десетте црни еко-точки во Македонија.
П. ПЕЧКОВ