Формирање на привремена советничка Комисија која ќе го испита работењето на општина Битола и екс градоначалникот Валадимир Талески за париодот од 2005 до 2017 година, побара советничката Габриела Илиевска од независната советничка група „Поинаку“ на денешната седница на Совет во Битола.
„Веќе четврти пат од оваа говорница предлагам формирање на ваква комисија и се надевам дека овој пат ќе биде изгласана. Ова го барам согласно Статутот на општината, а и со нејзиното формирање пред битолчани сите ние како советници ќе можеме со чиста совест и врз основа на пропис од советот да излеземе и да информаираме во каква состојба се наоѓа општина Битола во моментот“, рече Илиевска.
Од советничката опозиција изјавија дека веруваат во индивидуалната одговорност на Талески, но дека Советот не е суд и има други ингеренции. Ова беше прва јавна изјава во која од оваа партија зборуваат за одговорност на Талески. Претходно и покрај покренатите обвиненија за случајот Транспортер, од ВМРО-ДПМНЕ го бранеа , а тој се појавуваше на сите поголеми политички случувања.
„Многу јасно се поставени останатите институции како судовите , полицијата преку кои се докажува нечија индивидуална одговорност. Не сакам да бидам погрешно сфатен. Ние веруваме во индивидувалната одговорност на секого, па и на поранешниот градоначалник Валдимир Талески. Но, сепак има начин како тоа да се докаже во следниотв период. Не би сакал да дозволиме да правиме циркузијада од Советот кој треба да ги решава проблемите на граѓаните“, рече Борче Димитровски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседавачот на Советот Валентин Груевски рече дека предлогот за комисијата ќе биде доставен до надлежните советнички комисии, кои денес се формираат и ќе биде ставен на гласање на некоја од следните седници.
Ж.ЗДРАВКОВСКА