Офицерски дом-КИЦ Битола во пресрет на Фестивалот на староградска музика„ Ех, таа серенада“ од вечерва организира бесплатно промотивно возење низ битолските улици со пајтон.
„Како дел од промотивните активности за фестивалот и туристичка промоција на Офицерски дом граѓаните на Битола, како и бројните туристи и посетители ќе имаат единствена можност да бидат дел од традицијата на конзулска Битола, дел од приказната за битолската серенада и да ја почувствуваат возбудата која ја носи возењето со пајтон“, соопштија од КИЦ Битола.
Бесплатното возење со пајтон ќе трае во следните две недели секоја вечер од 18.30 до 21.30 часот, а поаѓањето е пред влезот на Офицерскиот дом.
Првото издание на фестивалот „Ех, таа серенада“ ќе се одржи на 24 август на платото на Офицерски дом – КИЦ Битола, а на ревијалната вечер ќе настапат 16 изведувачи. Билетите се бесплатни.
Ж. ЗДРАВКОВСКА