ОГРОМНИТЕ ДУПКИ НА МАГИСТРАЛАТА СТРУГА-ЌАФАСАН СЕ НЕБЕЗБЕДЕНИ, БАРАМЕ ЦЕЛОСНА РЕКОНСТРУКЦИЈА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ОД СТРУШКИТЕ СЕЛА КОИ ГО БЛОКИРАА ПАТОТ

    ОГРОМНИТЕ ДУПКИ НА МАГИСТРАЛАТА СТРУГА-ЌАФАСАН СЕ НЕБЕЗБЕДЕНИ, БАРАМЕ ЦЕЛОСНА РЕКОНСТРУКЦИЈА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ОД СТРУШКИТЕ СЕЛА КОИ ГО БЛОКИРАА ПАТОТДемонстрантите се заканија дека ќе го блокираат патот сè до негова целосна реконструкција. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од струшките села Радолишта, Теферич, Франгово, Фиеришта, Шум, Заграчан и Калишта денеска го блокираа магистралниот пат Струга- Ќафасан поради, како што велат, лошата состојба на патот. Со мирен протест побараа итно негово целосно санирање оти оваа магистрала, која води кон Албанија и со години не е реконструирана, е полна со дупки, некои големи и како кратери.

    Голема е фрекфенцијата на возила на овој патен правец, вели локалното население, а возењето тука е небезбедно.

    „Возењето тука е навистина небезбедно, а ни предизвикува и огромни материјални штети. Може да се случуваат и сообраќајни несреќи па и губење човечки животи. Патот е катастрофа, а поврзува две држави, Македонија и Албанија“, велат револтираните мештани.

    Џевдет Даути, претседателот на Месната заедница Радолишта, вели дека блокадите се резултат на празните ветувања на властите.

    „Минатата година министерот рече дека се асфалтира патот од Ќафасан до Подмоље, а само се исчистија трњата и ништо друго. Дупките ги полнеа со тампон и по еден месец пак се појавија“, вели Даути.

    Жителите од околината се револтирани од површното санирање на оштетувањата на патот оти со секојдневното поминување по крпените дупки и пукнатините на асфалтот им се оштетуваат автомобилите.

    „Со години само ги затвараат дупките со тампон и тие се затвараат, срамота. Една дупка кај бензиската пумпа е длабока 32 сантиметри и ако поминиш низ неа може да биде страшно. Секоја година викаат ќе го правиме патот во март, август, септември и ништо. Мора да се реши проблемот пред да има некоја жртва“, вели Шкејзел Арулајсен од село Радолишта.

    „Јас лично пропаднав во дупка и двете гуми ми се дупнаа, а кај Радолишта ја удрив колата. Кој ќе плати за тоа? Во полиција ништо не презедоа“, вели Монди Каљоши.

    Санација на овој магистрален пат од Министерството за транспорт и врски беше најавена уште во 2018, но предвидената рехабилитација до ден денес не е реализирана. Демонстрантите се заканија дека ќе го блокираат патот сè до негова целосна реконструкција.

    Магистралниот пат Струга-Ќафасан, кој ја поврзува Македонија со Албанија, е изграден во времето на поранешна Југославија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира