„Охридски комуналец” почна со садењето на околу 50.000 летни цвеќиња низ Охрид. Ќе бидат засадени во парковите, на кружните текови и на други зелени површини низ целиот град и околината, со што Охрид ќе добие најголем цветен килим досега.
„Ќе засадиме цвеќиња во градскиот парк, на кружните текови, покрај пешачките патеки до Горица и покрај каналот Студенчишта, покрај дрворедите во централното градско подрачје и на други хортикултурно уредени површини во градот и приградските населби. Ова е цветен расад со агератум, салвија, петунија, сардела, цинија, ‘лепи Јово‘ и ‘џунџуле‘“, вели директорот на „Охридски комуналец” Љупчо Грданоски.
Садењето ќе трае и во текот на идната недела, додека не се достигне бројката од 50.000 садници.
Д. ЧУБРИЌ