Охрид летово ќе добие плоштад на уметноста, каде ќе се изработуваат и продаваат уметнички слики, а ќе се продаваат и книги. Тој ќе биде лоциран во делот кај Долна Порта, на градскиот кеј до хотелот “Александрија”. Овој простор со години беше запуштен.
„Според годишната програма за урбана опрема на Општина Охрид, книги и уметнички слики ќе се продаваат само на плоштадот кај Долна Порта. На овој простор ќе биде забранета продажба на сувенири и бижутерија. Намерата на локалната власт е овој плоштад да стане своевидно културно катче во кое ќе творат уметници, а ќе се врши и продажба на книги и слики“, вели градоначалникот Јован Стојаноски.
Тој кажа дека годинава ќе биде забрането продавање книги и уметнички слики на досегашните локации кај Амамот, од долната страна спроти Поштата и горната страна кај чаршијата.
„Тој простор ќе се преуредува и оплеменува со нови содржини”, рече Стојановски.
На плоштадот кај Долна Порта, Општина Охрид предвиде осум локации за продажба на уметнички слики, а по објавување на огласот пет се веќе издадени, како и четири локации за продажба на книги. На просторот кај Долна Порта до пред некоја година можеа да се видат расфрлени стари чамци и ѓубре. Сега овој дел градежно е уреден, но немаше соодветна културна содржина.
Д. ЧУБРИЌ