ОХРИД ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ АКО ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОВ ДРЖАВАТА НЕ Ѝ ГО ОТСТАПИ ПРОСТОРОТ НА ОПШТИНАТА

    ОХРИД ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ АКО ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОВ ДРЖАВАТА НЕ Ѝ ГО ОТСТАПИ ПРОСТОРОТ НА ОПШТИНАТАЌе пропаднат обезбедените 150.000 евра грант од Светска банка за опремување на просториите и плати за лицата кои ќе бидат ангажирани за згрижување, нега и едукација на околу 30 деца со попреченост. (Фото: Радост)

    Дневниот центар за деца со посебни потреби во Охрид, предвиден во просториите на поранешна касарна, нема да се отвори ако не се надминат административните проблеми околу предавањето на просторот до крајот на овој месец. Ќе пропаднат обезбедените 150.000 евра грант од Светска банка, средства кои се предвидени за опремување на просториите и плати за лицата кои ќе бидат ангажирани за згрижување, нега и едукација на околу 30 деца со попреченост.

    Според проектот, Дневниот центар во чии рамки ќе биде и инклузивната игротека „Радост“, на простор од 400 метри квадратни ќе обезбеди дневна грижа посебно за децата со церебрална парализа, а ќе има вработени дефектолог, психолог, логопед, физиотерапевт и негуватели.

    „Сѐ уште не сме започнати со реализирање оти сме заглавени со административни процедури кои многу нè кочат, а се работи за деца и човечки судбини. Се надевам дека за брзо време ќе се реши. Тој дневен центар треба да згрижи околу 20 до 30 деца со осумчасовна нега и терапии. Целта е да се извадат од дома децата, посебно оние со церебрална парализа за кои нема ништо“, вели Весна Габелоска од инклузивната игротека „Радост“.

    Општина Охрид просторот кој го отстапи за да се отвори Дневниот центар го добила на користење од државата, па сега треба надлежните министерства да ја завршат административната процедура.

    „Со Општината имаме одлична соработка но просторот, кој е идеален за ваква намена, мора да ни го даде државата. Во тек се преписки, комуникации, постојано се бара нешто да изменуваме, дополнуваме, не знаат како да го изведат тоа, а нам времето ни истекува. Или ќе ја завршиме оваа процедура со документација или проектот воопшто нема да започне оти имаме рок за реализација да заврши целосно, 6 месеци за воспоставување на услугата и 12 месеци за давање на услугата, затоа што здружението ќе се лиценцираше и ќе ја дававме оваа услуга, а потоа министерство ќе преземеше со финансирање плати“, додава Габелоска.

    Во комплексот касарна од декември 2022 работи првата инклузивна игротека „Радост“, катче каде децата со посебни потреби се социјализираат, згрижуваат и дружат. Проектот е на здружението В.О.П.С , со поддршка на Општина Охрид, а се спроведуваше во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 која е финансирана од Европската Унија, преку програмата на УНДП.

    Според градоначалникот Кирил Пецаков, отворањето на првата инклузивна игротека во Охрид е значаен чекор во подобрување на перцепцијата, надминување на предрасудите за поголема инклузија на лицата со посебни потреби и обезбедување на услови кои ќе им го разубават животот и ќе им го олеснат секојдневието на нивните најблиски.

    „Конечено овие дечиња добија катче за социјализација и дружење и конечно ќе излезат надвор од изолацијата во своите домови. Отворањето на оваа инклузивна игротека претставува прва фаза од стратешката цел на Општина Охрид, а тоа е отворање на Центар за лица со пореченост каде на едно место ќе се обединат сите дневни центри и нивната работа ќе се постави институционално“, кажа Пецаков.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира