ОХРИД ОД ТУРИСТИЧКА ТАКСА СОБРА НАД 250.000 ЕВРА ЗА 9 МЕСЕЦИ, ТУРИСТИЧКИТЕ РАБОТНИЦИ ЗАДОВОЛНИ ОД ПОСЕТЕНОСТА, НО БАРААТ ГОСТИ СО ПОДЛАБОК ЏЕБ

    ОХРИД ОД ТУРИСТИЧКА ТАКСА СОБРА НАД 250.000 ЕВРА ЗА 9 МЕСЕЦИ, ТУРИСТИЧКИТЕ РАБОТНИЦИ ЗАДОВОЛНИ ОД ПОСЕТЕНОСТА, НО БАРААТ ГОСТИ СО ПОДЛАБОК ЏЕБТуристичките работници исто така оваа летна сезона ја оценуваат како една од подобрите но велат дека Охрид не ги користи доволно капацитетите за да развива елитен туризам. (Фото: СДК.МК)

    Над 250.000 евра наплатила Општина Охрид од туристичка такса за првите 9 месеци од годинава. Од Општината велат дека ова е најдобрата година ако се суди според бројките кои ја надминаа 2019 година која беше оценета за една од најуспешните.

    Според статистиката од Секторот за туризам и локален економски развој (ТЛЕР), во општинската каса за првите 9 месеци од туристичка такса влезени се вкупно 15.644.682 денари, од кои 14.276.469 денари се од хотелите, а 1.368.213 денари се средства од приватното сместување. Извештајот за туристички промет според податоци од Државниот завод за статистика за првите седум месеци бележи вкупно 560.276 ноќевања и 174.361 посетители од кои 104.344 се странски гости.

    Туристичките работници исто така оваа летна сезона ја оценуваат како една од подобрите но велат дека Охрид не ги користи доволно капацитетите за да развива елитен туризам со кој би се привлекувале гости кои оставаат повеќе пари и ги полнат капацитетите преку цела година. Велат дека се потребни подобри сместувачки капацитети и квалитетната туристичка промоција.

    „Каква музика ќе им свирите така и ќе играат гостите. Со тоа што нудиме лесковачка скара и турбо-фолк свирки во екот на сезоната нема да не направи подобри домаќини кон нашите гости од Србија. Тие доаѓаат тука за да научат нешто и да доживеат дел од нашиот идентитет“, коментираат дел од туристичките работници. Велат дека бројот на посетители не секогаш е репер за добра туристичка сезона.

    Според Климент Наумов, туристички водич, статистичките бројки покажуваат добра туристичка сезона но загрижува тоа што носители на туристичките текови кај нас се околните држави. Поголемиот дел од странските посетители ова лето, како што вели, се дел од еднодневните тури од Албанија кои, според него, не носат голем бенефит на државата. Охрид и после летната сезона е раздвижен но без значително остварени ноќевања оти станува збор за викенд посети и посети на еден ден.

    „Стануваме транзитна зона. Атрактивни сме на само еден ден. Преку Албанија во Охрид се реализираат дневни тури без некои ноќевања без притоа да имаме некој финансиски бенефит. Доколку не се реализираат ноќевања, доколку немаме директни поврзувања тешко дека овој регион би одел во добра насока на развој а за жал тоа е сѐ поевидентно во последните 15 години. Кројачи на нашата туристичка судбина се земјите од регионот. Ретки случаи имаме позитивни каде што сме биле директно поврзани со земјите од Западна Европа, Далечниот Исток, САД. За жал сѐ помалку репрезентативни сместувачки капацитети, како што доликува на една дестинација, имаме во овој наш регион“, смета Наумов и додава дека како туристички водич сезонава имал најголем број ангажмани но голем дел од нив биле реализирани преку странски тур-оператори без локален посредник.

    Охрид е атрактивност која сама по себе привлекува гости, оценуваат тур-операторите, туристичките агенции и хотелиерите но очекуваат бенефит од туризмот и преку цела година.

    Според Наумов на Охрид му е потребна локална туристичка организација.

    „На времето тоа беше добро познатото туристичко биро „Билјана“ каде посетителите, гостите, патниците добиваа информации, добиваа препораки а денес нема каде да се обратат. Час поскоро мора да се отвори локална туристичка организација или организација која ќе управува со туристичките текови во Охрид“, додава Наумов.

    Во Словенија сѐ уште е на сила Законот за туристичка дејност од времето на поранешна Југославија. Едно од најпознатите туристички места, градот Блед, привлекува огромен број на туристи од целиот свет а првиот човек одговорен за туристичкиот развој е директорот на комуналното претпријатие. Кај нас Законот за туристичка дејност има претрпено голем број измени и се укинати туристичките организации кои можат да придонесат кон локален туристички развој.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира