Охрид за 20-тина дена со средство кое се добива на база на преработка на посебна алга ќе се обиде да ја елиминира депонијата Буково која со години го загадува градот и околината.
„Распишавме тендер за набавка на специјална алга за која се тврди дека може да го смали волуменот на депонијата кај Буково, но ќе го спречува и нејзиното горење. Се надеваме дека за 20-тина дена ќе го добиеме ова средство и ќе почнеме со прскање на депонијата“, ни изјави директорот на Охридски комуналец Љупчо Грданоски.
Депонијата Буково се наоѓа од левата страна на патот Охрид-Ресен-Битола и со децении е еден од најголемите загадувачи на животната средина во овој дел од земјата. Депонијата лани неколку пати гореше. Понекогаш таа намерно се пали од несовесни лица, но неретко доаѓа и до самозапалување на отпадот кој таму се фрла.
Д. ЧУБРИЌ