„Охридски комуналец“ го исчисти крајбрежјето од мини депониите со градежен шут кои ги направија несовесните граѓани покрај патот од Охрид до Пештани. Патот неодамна беше реконструиран, беше поставена и нова сигнализација, но при градежните работи на неколку места имаше мали купчиња градежен шут кои од ден на ден се зголемуваа бидејќи граѓаните кога ќе видеа купче си го надополнуваа со исечени гранки од дворовите, истришен мебел, машини за домаќинство, плочки останати по реновирање и слично.
Во тек е постапката за потпишување договори со ЈП „Охридски комуналец“ за подигнување на комуналниот отпад, според кој концесионерите на плажите и хотелиерите плаќаат во согласност со површината која ја користат за поставување на урбана опрема.
Што се однесува до дивите депонии на кои понекогаш се фрла и органско ѓубре од „Комуналец“ велат дека тие се резултат на неодговорноста на луѓето.
Согласно закон за јавна чистота, ова е казниво. Мандатна казна поднесува комуналната инспекција, но најчесто ваквите депонии на јавна површина се од непознат сторител.

На јавните плажи Општината постави канти за ѓубре кои „Охридски комуналец“ ќе ги собира дневно во тек на сезоната (Фото: СДК.МК)
„Чистењето на плажите е обврска на концесионерите. Со нас склучуваат договор за подигнување на комунален отпад. Цената зависи од квадратурата на просторот кој им е даден од Општината за поставување на урбана опрема. До 100 метри квадратни е 20 денари а над 100 е 13 денари по метар квадратен“, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Сашо Најдески.
Екипи на ЈП „Комуналец“ ја одржуваат јавната хигиена и на слободните плажи кои не се дадени под концесија. Согласно Програмата за работа за 2025 година, посочуваат од претпријатието, на плажата Горица 3 поставени се 10 канти со капацитет од 240 литри за депонирање на ситен отпад.
„На оваа јавна плажа дежурните екипи започнаа со секојдневно одржување на хигиената, а почнувајќи од месец јули ќе се постават канти и на плажите кои не се дадени под концесија на потег од Лагадин до Пештани. Слободните плажи ќе се чистат секојдневно“, велат оттаму.
И оваа година на охридското крајбрежје остануваат 13 плажи уредени со урбана опрема – шанкови, лежалки, маси и столици, согласно Програмата за измена и дополнување на Годишната програма за поставување урбана опрема во Општина Охрид.
Концесионерите во 2023 година потпишаа тригодишни договори според кои ги уредија плажите согласно препораките на УНЕСКО за поставување на лесно монтажно-демонтажни шанкови изработени од природни материјали, дрво или имитација на дрво, кои ќе се вклопат во околината, без притоа да се наруши основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот, без бетони и платформи во вода, а со 50 отсто слободен простор за посетителите.
С. ВРЕНЦОВСКА