ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СЕ ИСПЛАШИ ОД КАФАНЏИИТЕ, НЕМА ДА ГО ПОСКАПУВА ПОСТАВУВАЊЕТО МАСИ И СТОЛИЦИ НА ОТВОРЕНО

    ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СЕ ИСПЛАШИ ОД КАФАНЏИИТЕ, НЕМА ДА ГО ПОСКАПУВА ПОСТАВУВАЊЕТО МАСИ И СТОЛИЦИ НА ОТВОРЕНОСоветот на Општина Охрид не расправаше за поскапување на урбаната опрема. - Охридската чаршија (Фото: СДК.МК)

    Охридскиот градоначалник Јован Стојаноски го повлече предлогот за зголемување на цената за поставување на урбана опрема пред угостителските објекти по реакциите на угостителскиот еснаф. Кафанџиите се побунија дека не треба да има покачување на цената за поставување на урбана опрема, посебно сега, како што велат, кога многу кафулиња и други угостителски објекти низ градот се празни, а некои и се затвораат поради слаба посетеност.

    Ова го зеде предвид и градоначалникот, кој пред почетокот на седницата на Советот, соопшти дека оваа точка е повлечена од дневниот ред.

    „За неколку дена ќе закажеме средба со угостителскиот еснаф и отворено ќе ги искажеме ставовите и ќе продискутираме околу комуналната такса и надоместокот за поставување на урбана опрема. Точката која што беше поврзана со надоместокот за урбана опрема на оваа седница ја повлековме и ќе ја разгледуваме на наредната седница, а до тогаш ќе ги обавиме потребните консултации“, кажа градоначалникот Стојаноски.

    Стојаноски додаде дека во јавноста се создал погрешен впечаток околу овој предлог на локалната власт.

    „Поскапувањето беше само во делот на поставување на урбана опрема и тоа само во делот на поставување на маси и столици и периодот во кој може да се постави таа урбана опрема,“ рече Стојаноски.

    Наскоро се очекува средба на градоначалникот Стојаноски и еснафот на угостители од Охрид, на која ќе се расправа околу ова прашање.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира