Во пресрет на Денот на Езерото, што се одбележува веќе 20 години, може да се каже дека квалитетот на неговата вода е висок. Само со работа и грижа за езерото можеме да го сочуваме неговиот статус во УНЕСКО, вели координаторот на тимот за Дримски процес, Дејан Паноски.
„Пред 20 години го прогласивме Денот на Езерото, а денес, најубав подарок ни се новите резултати од мониторингот на водите, кој го спроведовме во февруари. Можам да кажам, што е потврдено и со зимските анализи, дека Езерото е со висок квалитет на водата, со олиготрофен статус и дека сите параметри се под максималните граници, со единствен проблем кај реката Черава. Ќе ги споредиме резултатите и со пролетните и со летните мерења и тоа ќе нѐ води до квалитетна програма на мерки во Планот за управување со сливот на езерото. Само со работа може да се сочува статусот на УНЕСКО”, изјави Паноски.
За Охридското Езеро сѐ уште голем проблем е реката Сатеска, која е негов најголем загадувач. Има најави дека таа ќе биде вратена во старото корито за да не се влева во езерската вода, но конкретни зафати засега нема.
Д. ЧУБРИЌ